За една година во Србија се затворени 37 отсто од големите фарми, а опстанале само оние производители кои имале залихи, пренесува РТВ.
Србија, како што се наведува, има голем потенцијал за производство на свињи, но цикличните движења на цените во таа сточарска гранка им создаваат проблеми на фармерите.
„Многу ниските цени и високите цени на инпутот нè следеа минатата година“, изјави за РТВ производителот од Дорослов, Роналд Холо, додавајќи дека пченката пред три години чинела 12 динари (околу 6 денари), додека сега достигнала цена од речиси 30 динари (околу 15 денари), а цената на сојината сачма од 36-37 (околу 18-19 денари) динари достигнала скоро 100 динари (околу 50 денари).
Годината, според Холо, била многу тешка во целиот свет, единствено што таму имало „скриени“ субвенции.
Тој очекува стабилизирање на цените годинава, како и подобар баланс меѓу производителите и кланиците.
Иако откупната цена е 170 динари (околу 90 денари), одгледувачите на свињи годинава се во големи загуби.
