Согласно резултатите од анализите на мострите извршени од Институтот за јавно здравје, водата во Гостивар во моментов е неисправна за пиење и за техничка употреба. Граѓаните се повикуваат строго да ги почитуваат препораките на надлежните институции и до понатамошно известување да не ја користат водата од водоводната мрежа.
Ова е информација за која, меѓудругото, се разговарало на денешната седница што се одржала во Центарот за управување со кризи се одржа седница на Главниот штаб со која претседавал министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

На седницата биле разгледани и други информации поврзани со состојбата со водоснабдувањето во Општина Гостивар, при што биле донесени повеќе заклучоци и мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
Главниот штаб ја задолжил Општина Гостивар итно да предложи локации и контакт-лица за воспоставување пунктови за дотур на техничка вода за објектите од витално значење.
Истовремено било потенцирано дека Институтот за јавно здравје, ЈП „Водовод“ – Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжат со засилени теренски испитувања на квалитетот на водата, а резултатите редовно ќе ги доставуваат до Главниот штаб при Центарот за управување со кризи.

-Армијата на Република Северна Македонија ги стави во приправност двете цистерни за дистрибуција на техничка вода, кои ќе бидат ангажирани доколку Главниот штаб процени дека е потребно. Во координација со Општина Гостивар, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за јавно здравје Тетово–Гостивар, Центарот за управување со кризи ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите мерки, препораки и активности поврзани со користењето на водата, се вели во информацијата од ЦУК.
Дополнително, општините Куманово, Тетово, Дебар, Кичево, Кавадарци и Неготино ќе обезбедат техничка вода со сопствени цистерни за потребите на граѓаните на Општина Гостивар, на однапред утврдените пунктови.
Во согласност со одлуката на Владата на Република Северна Македонија, Службата за општи и заеднички работи ќе продолжи со дистрибуција на вода за пиење до граѓаните на Општина Гостивар.
Центарот за управување со кризи апелира до сите граѓани на Општина Гостивар доследно да ги почитуваат препораките на надлежните институции и да ги следат официјалните информации што ќе бидат објавувани во текот на денот.
МИА
