Во Струга денеска започнува регионалната експертска тркалезна маса посветена на интегрираното управување со шумите на Западен Балкан, на која експерти, институционални претставници и претставници на граѓанскиот сектор од регионот ќе дискутираат за научените лекции, предизвиците и идните насоки во оваа област.
Како што е најавено, покрај присуството на заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, тркалезната маса во организација на ЦНВП Северна Македонија обединува регионални експерти, претставници на националните и локалните институции, шумарските агенции, јавните претпријатија, академската и научноистражувачката заедница, меѓународните организации, развојните партнери, како и на граѓанскиот и приватниот сектор од Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.
Главна цел на собирот е презентирање на резултатите и научените лекции од четиригодишната регионална соработка остварена во рамките на проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“. Фокусот е ставен на совладувањето на предизвиците, споделувањето на добрите практики и отворањето нови можности за одржливо управување со шумите и зајакнување на соработката на регионално ниво.
МИА

