Европската комисија го продолжи до 15 септември договорот според кој Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка можат да забранат увоз и продажба на четири земјоделски производи. Транзитот на оваа стока низ тие земји се уште е дозволен.
Овие пет земји се пожалија дека либерализацијата на трговијата со Украина од страна на Европската Унија доведе до преплавување со поевтини украински житарки, што го направило домашното производство неисплатливо.
Комисијата, која ја надгледува трговската политика во сите 27 членки на Европската Унија, ги дозволи овие ограничувања на увозот на украинска пченица, пченка, семе од маслодајна репка и сончоглед на почетокот на мај. Оваа исклучителна одлука требаше да трае до понеделникот, 5 јуни, но вчера беше продолжена до средината на септември.
Петте земји од ЕУ имаат голема поддршка од комесарот за земјоделство на Европската комисија, Јануш Војчечовски, кој побара оваа забрана да се продолжи до крајот на годинава или барем до крајот на октомври.
Според него, доколку не се пролонгираа мерките, ќе настанеше проблем оваа сезона. Како што тврди, овие пет земји веќе се погодени од приливот на украинска стока, а земјоделците не би успеале да ги ослободат своите магацини пред жетвата.
„Доколку не ги задржиме ограничувањата, проблемите ќе продолжат и може да бидат уште поголеми“, рече еврокомесарот, додавајќи дека во 2024 година треба да се намали извозниот притисок во овие земји бидејќи се очекува украинската жетва да биде во 2023 година, со оглед на тоа што војната таму трае повеќе од една година, да биде 40 проценти помала од претходната година.
Да потсетиме, пред одлуката за увозни ограничувања за овие четири производи, споменатите пет земји на Украина и се закануваа со еднострани забрани, а некои од нив дури и ги воведоа. Романија никогаш не го спроведе овој план, Полска, Словачка и Бугарија ги укинаа по договорот со Комисијата, само во Унгарија се постојано во сила, што последователно ја одложуваше исплатата на пакетите помош.
Засега нема информации како понатаму ќе постапува Унгарија, која освен овие четири видови производи, забранува увоз на повеќе од 20 од нив, дали тоа ќе продолжи да ја одложува исплатата на помошта и како другите земји членки ќе реагираат на целата ситуација.
