Во Франција се разгледува превентивно вакцинирање на живината против птичји грип (HPAI), најавуваат од тамошното Министерство за земјоделство.
Имено, оваа зима и пролет во земјата биле регистрирани дури 475 случаи на зараза и тоа најмногу на фармите за гуски и патки, на крајниот југозапад на земјата. Слична состојба била во периодот од 2015 до 2017 година која на живинарската индустрија ѝ нанела штета од стотина милиони евра, наведува Poultryworld.
Министерот за земјоделство и храна Жилијен Денорманди сакајќи да спречи да се повторат такви загуби, кога е откриен првиот случај на инфекција во ноември 2020, вовел драстични мерки. По прв пат не биле еутанизирани само животните во заразените простори, туку и сите оние во околните фарми. Севкупно, според податоците на Министерството страдале околу 1.3 милиони птици.
На одгледувачите, како и компаниите кои требало да учествуваат во синџирот за преработка, Денорманди им ветил дека ќе ја надомести штетата со пари од државната благајна. Досега се исплатени 89,5 милиони евра а крајниот износ ќе се знае кога ќе се соберат сите загуби.
Подобро да се спречи отколку да се лекува
Сега Министерството се одлучило за повисоко ниво на спречување „скапи“ загуби. Министерот неодамна на состанок ги повикал претставниците на сите организации во живинарската индустрија на кои се расправало за новите потези. Изработен е план кој се состои од шест приоритети.
Пред се, објаснува Денорманди, важно е да знаат колку вкупно живина има на сите стопанства во земјата,а посебно во најзагрозените региони. Понатаму, потребно е да се воспостават ситеми за анализа на ризик на појава на грип. Исто така, одгледувачите мораат дополнително да го подобрат своето управување како и праксата на биолошка сигурност.
Планот вклучува превентивно вакцинирање на живината до 2022 година.
„Да се предвиди, спречи и прилагоди е нашето мото, кое ќе ни помогне подобро да ја штитиме целата индустрија од оваа болест“, заклучува тој.
Извор: agroklub.rs
