Пешачката патека покрај брегот на Дојранското Езеро, на потегот од кај ресторанот „Гранико“ до граничниот премин со Грција, во должина од околу 1.300 метри, ќе се догради во соработка со Југоисточниот плански регион, потврдија од општина Дојран.
Надлежната општинска служба соопшти дека веќе е потпишан договорот според кој општина Дојран, во рамки на проектот за развој на туризмот во Југоисточниот регион, поголем дел од потребните средства за реализација на проектот ќе ги добие од ЈИПР, а остатокот ќе го обезбеди од сопствениот буџет.
Всушност, нова пешачка патека ќе се гради на деловите кои беа разрушени пред повеќе од две години, водејќи сметка при тоа да се избегнуваат местата на кои старата патека беше пропадната и оштетена и на кои веќе се отворени нови плажи.
–Проектот ќе помогне да развиеме нова туристичка зона во Стар Дојран, да создадеме нов простор за рекреација на мештаните и туристите, за поттикнување нови навики и одговорен однос кон езерото и животната средина затоа што патеката е од големо значење со тоа што претставува врска меѓу плажите, рестораните и сместувачките капацитети во нејзина близина, велат од општина Дојран.
