Базар на вино и ракија се одржува денеска во Вински музеј за регион Тиквеш во Кавадарци, во рамките на неколкудневната програма за одбележување на неделата на виното и производите од грозје. Активностите се спроведуваат во склоп на агендата на кавадаречката локална самоуправа, за презентација и промоција на традиционалното богатство на регионот.
– Квалитетните вина и ракии произведени во Тиквешко како најголем лозаровинарски регион во државата, се своевиден македонски бренд и наш амбасадор во светот. На посебни штандови се претставуваат производители на вина и ракии, посетителите имаат можност да дегустираат и да уживаат во извонредниот квалитет на вкусовите добиени под тиквешкото небо, рече за МИА, директорката Весела Честоева.
Таа нагласи дека расте интересот кај домашни и странски гости, за посета на Музејот, што за три ипол години, го имаат посетено околу 13 илјади посетители.
– Овде можат да се погледнат експонати што говорат за историјата, традицијата и културата на овие простори. Кога се виното и производите од грозје во прашање, нашата винска приказна ги води туристите на едно своевидно патување низ времето, појасни Честоева.
Таа подвлече дека посебна атракција за туристите претставува ледарникот или старински фрижидер, во кој пред многу години бил чуван мразот од кавадаречките ледарници, во кои се собирал снегот па се создавал мраз, во време кога ги немало денешните ладилници.
МИА
