Високите температури се погодни за одгледување на некои култури, особено, како што велат земјоделците, за лутите пиперчиња. Во српското село Никинци кај Рума, семејството Ранитовиќ, покрај најлутото, го одгледува и најмалото и најскапото феферонче на светот.

„Мајката на чили пиперчињата“ како што ја нарекуваат, потекнува од Јужна Америка, споро никнува и расте бавно, а полн род достигнува само на високи температури. Плод со големина од 6 милиметри има максимална тежина од половина грам.
„Најмалото феферонче на светот се вика ај чарапита, инаку е и најскапо, на светскиот пазар килограм суво, оди и до 20.000 евра. Лесно се одгледува кај нас, нема никакви проблеми, само што е толку ситна, многу време се одзема и многу е заморно да се берат“, вели Светлана Глигориќ Ранитовиќ.
Светлана на почетокот купувала семе во странство, а најголемата инвестиција бил пластеникот. Овие растенија се отпорни на болести, не се прскаат со хемикалии, само им треба многу топлина и вода.
„Четири-пет години одгледувам лути пиперчиња, решив да го сторам тоа затоа што нешто треба да се направи, во Србија ги нема многу, само неколкумина ги одгледуваат и се многу интересни, постојано ја имате играта на бои, форми, степен на лутост, од нив можете и да заработите. Имам преку 80 различни видови, тоа се растенија од топли предели, од Бразил, од Мексико, но успеваат и кај нас“, вели Светлана.
Во Срем расте и „Каролина рипер“, најлутата феферонка во светот, која има околу два милиони сковили, 100 пати повеќе од локалните феферонки.
Овие плодови се здрави, но само кога се користат во мали количини. Се берат до октомври, а зимата најчесто ја дочекуваат во тегли.
