Се отвори небото над Кавадарци и ги почести, токму на Свети Трифун, со обилен дожд винопроизводителите од Здружението Тиквешки мали винарии. По долгиот сушен период, количината на дожд, што наврна токму на денот кога го славеа нивниот заштитник винарите ја коментираа велејќи: „Врнежите од дожд се благослов за бериќетна година“.
Околу педесеттина сопственици на мали винарии во Кавадарци на Љубаш, рид над градот, се собраа на едно место и донесоа дел од производството од минатогодишните реколти.
Таму на еден лозов насад на домаќинот Горан Јаковлевски ја испочитуваа традицијата на закројување на лозници. Но и додека славеа тие не мируваа. Во казан печеа ракија на традиционален начин. Кога протекоа првите капки на ракија винарите наздравија со чаши бело и црвено вино. Со квалитетното вино и вкусните мезалаци неизбежен беше разговорот за регистрација на нивниот семеен бизнис. Особено сега кога изменетиот Закон за вино и за производство на вино, како што коментираа, конечно ги содржи нивните барања.
-Нашето здружение брои 35 члена и сега сите ќе се регистрираме во мали семејни производители на вино. Очекуваме квалитетно вино, добра, примамлива цена на пазарот и големите винарии да не ни прават сопки за тоа што ќе им земеме мал дел од колачот што сепак е минорен. Бидејќи не произведуваме милионски туку 10 или 15 илјади литри. Очекуваме позитивни вибрации и од страна на владата, од ИПАРД програмата за купување на опрема. Ние сите винарии, кои сме на број 30-тина вложуваме сопствени средства како танкови, буљачки, пумпи итн, рече сопственикот на малата винарија „Попови“, Гоце Попов традиционален производител на 4 илјади шишиња на вината вранец, вранец барик, кабарне и шардоне.
Во процес на регистрација е и кавадаречката семејна винарија „Параџик“ чиј сопственик e Блажо Стојановски. Овој дипломиран енолог вели дека новиот закон во многу ја олеснал постапката со документите, која со старото законско решение била иста како за мала така и за голема винарија. Бил потребен и Елаборат за објект. Сега начинот на аплицирање, се сведува на три институции така што не е комплицирана постапката за регистрација на мала винарија, вели Стојановски. Во процедура сме, имаше некој мали детали што ги поместивме за по празникот, наредната недела да ги дозавршиме и се надевам дека за кратко време ќе имам регистрирано објект за вршење на дејност како физичко лице за производство на вино.
– Многу ме поттикна новото законско решение да се регистрирам затоа што не поттикнува и со многу помала количина на производство да бидеме рентабилни на пазарот, не ни ги бараат сите документи, админстративните работи се сведени на минимум, не дека не се потребни, потребни се затоа што се работи за храна, виното е еден вид на храна. Меѓутоа начинот на аплицирање е доста упростен, секое физичко лице може потребен е само соодветен објект, соодветна опрема, производство до 30 илјади литри не треба ангажирање на енолог, што не беше со стариот закон а може и со средно не мора високо образование. Значи многу е поедноставен начинот сега од тоа што беше со стариот закон, рече Стојановски кој рентабилноста ја гледа во производство на 10 до 15 илјади шишиња со
Стојановски не го крие задоволството што секојдневно во здружението се јавуваат потенцијални нови членови. Сите бараат информации за регистрација. Тој во зголемувањето на бројот на регистрирани мали производители на вина, ракии и вињак го гледа вистинскиот потенцијал на тиквешкиот регион кој директно ќе придонесе во развојот на винскиот туризам за домашниот пазар и особено кога странските гости ќе осознаат дека во Македонија се произведуваат квалитетни вина.
Сопствениците на мали винарии на Свети Трифун имаа гости и од министерството за земјоделство, шумарство и восостопанство со кои разговараа, разменија мислења и искуства се со цел да се искористат поволностите што државата им ги нуди за квалитетно производство, промоција и пласман како дома така и во странство.
Убавка Јаневска
Напишете коментар