Додека глобалната побарувачка за храна продолжува да расте, има сѐ помалку квалификуван персонал за работа во оранжериите. Затоа, холандската компанија „Прива“, решението го гледа во роботизацијата.
На GreenTech во Амстердам, таа го претстави својот робот „Компано“, кој може безбедно и независно да се движи низ оранжеријата, работејќи заедно со другите вработени. Кога ќе заврши нивниот работен ден, тој останува во оранжеријата и продолжува да работи, што значи и ноќе. Дизајниран е да ги отстранува листовите од доматите и работи на батерии од 5 kWh.
Тежок е 425 килограми, долг е 191 см, широк 88 см и висок 180 см. Вклучува алгоритми кои гарантираат 85 проценти ефикасност на сечење за седум дена на површина од еден хектар, наведува производителот.
Од компанијата напоменуваат дека може да се прилагодува на желбите и барањата на корисниците. И, исто така, може да се контролира со паметен телефон.
Тоа е првиот робот во светот што им обезбедил на корисниците економски исплатлива алтернатива за рачно отстранување на листовите од доматите.
Роботот беше претставен кон крајот на минатиот месец во GreenTech во Амстердам и сега е подготвен за продажба и употреба на пазарот. Веќе е тестиран во неколку оранжерии, а произведени се 50 примероци кои се подготвени за продажба. Меѓутоа, веб-страницата на производителот не ја наведува неговата цена.
Планот на оваа компанија е да го прошири опсегот на роботи кои ќе сечат листови од краставиците, но исто така ќе можат да берат и зеленчук.
Погледнете како „Компано“ ги сече лисјата во оранжеријата:
