Светот на автономните електрични трактори е се поголем, а доказ за тоа е и моделот кој го претстави компанијата CNH Industrial.
Според производителот, се работи за првиот електричен лесен трактор, односно прототип со беспилотна технолгија.
Моделот New Holland T4 Electric Power е машина која овозможува потивко работење без емисија на гасови, за разлика од дизел моделите.
Трошоците за работа се пониски, а се намалува и времето кое земјоделците треба да го поминат зад воланот. Сензорите и камерите поставени на кровот помагаат тракторот да ги заврши задачите, да избегнува препреки и да работи во хармонија со другата опрема. Тракторот може да се стартува и преку смартфон.
T4 Electric Power има електричен мотор од 120 KS и овозможува максимална брзина од 40 km/h, а неговата батерија е доволна за цел ден работа, во зависност од видот на задачата. Сепак, тоа значи дека би можело да биде потребно дополнително полнење, но батеријата може да се наполни за само 60 минути со помош на брз полнач.
Покрај основната намена, тракторот може да послужи и како извор на енергија на тркала затоа што има отвор за приклучок на различен алат, а може да функционира и како резервен извор на енергија. На тракторот може да се приклучуваат хидраулички, механички и Power Take Off додатоци.
Производството на тракторот би требало да започне на крајот на 2023 година.
