Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Владата стартуваат со нова теренска кампања насловена „Гласот кој го слушаме – македонско најдобро“. Министерот Цветан Трипуновски денеска информираше дека целта на оваа иницијатива е директна комуникација со земјоделците, презентација на мерките, но пред сè – слушање на нивните реални проблеми.
Во кампањата се вклучува целиот институционален врв од земјоделскиот сектор. На терен ќе излезат Даниела Иротова од Платежната агенција, Филип Филиповски од АД Водостопанство, Васе Анакиев од Државниот инспекторат за земјоделство, Оливер Миланов од Агенцијата за храна и ветеринарство и Здравко Трајанов од ЈП Национални шуми. Министерот Трипуновски лично ќе предводи еден од тимовите.
Тој упати отворен повик до сите земјоделци активно да се вклучат во средбите кои ќе се организираат секоја среда, петок и сабота низ целата држава.
