Научниците ги преиспитуваат способностите на говедата откако во Австрија е откриено дека крава по име Вероника користи алати со импресивна вештина, пишува „Би-би-си“. Откритието укажува дека говедата можеби имаат значително поголеми когнитивни способности отколку што се претпоставувало.
Вероника, крава која живее во едно австриско планинско село, години наназад ја усовршува својата вештина да се чеша користејќи стапчиња, гребла и четки. Приказната за нејзиното однесување стигнала до експерти за интелигенција на животните во Виена, кои утврдиле дека Вероника користи различни делови од ист предмет за различни задачи.
Кога ја чешале грбот или некој друг дел од телото, го користела крајот од четката со влакненца. Кога бил потребен поблаг допир, на пример на мекиот дел од стомакот, ја користела мазната дршка.
Таквата употреба на алати ретко се гледа во светот на животните и досега никогаш не била забележана кај говедата.
„Не очекувавме дека говедата можат да користат алати, ниту дека една крава ќе користи еден предмет за повеќекратни цели. До сега вакви случаи се забележани само кај шимпанзата“, велат научниците од Универзитетот за ветеринарна медицина во Виена.
Шимпанзата покажуваат најразновидна употреба на алати меѓу животните што не се луѓе. Тие користат стапчиња за собирање мравки и термити, како и камења за кршење ореви.
Меѓутоа, и покрај тоа што луѓето живеат покрај говедата околу 10.000 години, ова е прв пат научниците да документираат случај на крава која користи алат. Истражувачите велат дека нивното откритие покажува дека говедата се паметни и дека и другите крави би можеле да развијат слични вештини доколку имаат можност.
Сопственикот на Вероника, кој се занимава со органско земјоделство, се надева дека нејзините неочекувани таленти ќе ги инспирираат луѓето повеќе да ја ценат природата.
„Чувајте ја природата и така ќе се заштитите себеси. Природното разновидие е клуч за опстанокот на оваа планета“, вели тој.
Извор – Слободен печат
