Дронот за опрашување на посевите на стартапот „Дропкоптер“, лета до 10 метри над дрвјата и ослободува полен над цветовите.
Иноваторите велат дека може да се користи во овоштарници со бадеми, јаболка, цреши и круши, а спровеле експерименти и истражувања со кои докажале дека ги зголемува приносите за 25 до 50 проценти.
Како што пишува growingproduce, поленот може да се собере со помош на тресач кој се користи за берба на бадеми. Така, со него се протресува дрвото за време на цветањето, а правот потоа се екстрахира и се прочистува. За другите култури, цветните пупки се собираат рачно пред да се отворат, а потоа се вади поленот од нив.
„Не треба многу за да се собере доволно за опрашување на цел овоштарник“, тврди Мајк Винч, директор за маркетинг во „Дропкоптер“.
Брзината на дронот може да се прилагоди, поленот се наоѓа во него, а кога ќе започне, го распрснува на цветовите. Може да покрие од 8 до 10 хектари за еден час, а неговиот лет обично трае околу 25 минути.
Винч ја истакна предноста на употребата на оваа технологија кај јаболката.
„Пчелите ќе ги опрашат цветовите, а и оние кои подоцна ќе процветаат. Меѓутоа, со овој систем не е така“, напоменува тој, додавајќи дека е доволно дронот еднаш да помине над насадите, а после тоа ловоштарите нема да мора да ги разредуваат плодовите.
Кога станува збор за поголеми плантажи, поради разликите во цветањето, пчелите „прескокнуваат“ одредени делови на овоштарникот, што доведува до намалување на вкупниот принос. Но, дроновите, наводно, можат подобро да се доближат до стеблата и до цветовите, обезбедувајќи концентрирано и рамномерно опрашување, што резултира со поголеми приноси, пренесува Aгроклуб.рс.
Дроновите можат да се користат самостојно, но и во комбинација со пчели.
Одгледувачот на бадеми, Кевин Хебру е еден од првите кој соработуваше со тимот на „Дропкоптер“ на неговата фарма. Тој го користел дронот како додаток на пчелите, на 2 хектари од неговиот овоштарник. Наместо да користи две кошници по 0,4 хектари, ја намалил на една и пол. Вели дека подоцна ги споредил приносите по стебло во зависност од видот на опрашувањето и дека има забележителна разлика кога ја користел оваа технологија.
