Општина Берово со соопштение до јавноста информираше дека вечерва ќе се реализира втората фаза од превентивната систематска теристичка дезинсекција за уништување на возрасните форми на комарци, како дел од мерките за заштита на населението од заразни болести.
Според соопштението, третирањето ќе се врши во периодот од 21:00 часот на 16 јули до 05:00 часот на 17 јули, а активностите ќе ги спроведуваат екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје Куманово и Скопје.
Дезинсекцијата ќе се изведува со специјализирана апаратура поставена на моторно возило, при што ќе се користи инсектицидниот препарат AQUA K-OTHRINE, со активна супстанција делтаметрин, одобрен за ваков вид третман.
Со третирањето ќе бидат опфатени зелените јавни површини, подрачјата долж реките и водотеците, околината на каналската мрежа, локалитетите со застојни водени површини, урбаните населби, како и останатите локации предвидени со Планот и Програмата за дезинсекција на територијата на Општина Берово.
Од Општината препорачуваат граѓаните за време на третирањето да не се задржуваат на отворен простор, да ги затворат прозорците и, доколку е можно, да ги заштитат или отстранат храната и предметите што се изложени на отворено.
Воедно, упатен е апел и до пчеларите навремено да преземат мерки за заштита на пчелните семејства, согласно важечките препораки за време на спроведувањето на дезинсекцијата.
Од локалната самоуправа посочуваат дека, доколку временските услови бидат неповолни, односно во случај на дожд, силен ветер или други временски неприлики, активностите ќе бидат одложени и реализирани во првиот нареден ден кога ќе се создадат услови за нивно безбедно и ефикасно спроведување.
Општина Берово апелира до граѓаните за разбирање и соработка, истакнувајќи дека мерката има за цел намалување на ризикот од појава и ширење на заразни болести што се пренесуваат преку комарци.
МИА
