Крајниот рок за искористување на ваучерите за туризам е 15 декември 2020 година, потсетува Министерството за економија.
Заклучно со денешниот ден, како што информираат, се искористени 61.648 ваучери за домашен туризам од вкупно доставени 100.336 ваучери на валидни е-маил адреси.
Платформата „Дома си е дома“ преку која се реализираше мерката ваучери за домашен туризам ќе биде затворена за реализација на оваа мерка на 15 декември, односно утре.
Гостите кои користат ваучер за домашен туризам ќе треба да бидат одјавени од сместувачките капацитети најдоцна до 15 декември 2020 година.
Хотелиерите кои имаат гости што користат ваучери за туризам ќе треба најдоцна до 18 декември 2020 година до Министерството за економија да достават фактури за плаќање, по што до крајот на годината ќе им бидат исплатени средствата од искористените ваучери.
МИА
