Од 1 јануари 2022 година, Франција ќе забрани усмртување на машки пилиња со дробење додека се уште живи или со задушување, како и кастрација на машки прасиња. Ова го потврди локалниот министер за земјоделство Џулиен Денорманди, пренесува Connexionfrance.
Кога станува збор за пилињата, Франција, после Германија, прва донесе ваква одлука за постапување со овој вид живина. Имено, оваа практика што се користи во индустријата за јајца е опишана како варварска. Таму годишно се убиваат 50 милиони машки пилиња на овој начин, а во живот се оставаат само женски пилиња кои ќе несат јајца во иднина.
Откривање на полот пред изведување
Наместо да се усмртуваат со дробење или задушување, француските одгледувачи ќе мора да набават машини за откривање на полот пред да се изведат животните.
За да им се помогне на одгледувачите во трошоците за купување нова опрема, Денорманди најави дека француската влада ќе обезбеди грант од 10 милиони евра. Опремата треба да биде инсталирана во две третини од фабриките за производство на јајца во Франција до крајот на првиот квартал на 2022 година.
И со поддршката, тоа ќе ги зголеми трошоците за производство, а потоа и цената на крајниот производ. Се проценува дека оваа мерка ќе ја зголеми цената на кутија со шест јајца за еден евроцент.
Воведување забрана за целата ЕУ
Денорманди најави дека ќе се залага за воведување на слични мерки на ниво на Европската Унија.
„Неколку земји, вклучувајќи ги Луксембург, Португалија, Шпанија, Австрија и Ирска, веќе ни се придружуваат“, рече тој.
Според Euractiv, тие веќе доставиле документ до другите министри за земјоделство на земјите членки, во кој ги повикуваат да го забранат усмртувањето на пилињата на ниво на ЕУ.
Филип Јувен, претседател на Националниот комитет за промоција на јајцата во Франција (ЦНПО), се согласи со оваа иницијатива.
„Одлуката што оди во насока на благосостојба на животните не треба да биде исклучиво француска и германска. Таа мора да биде европска, затоа што не смееме да ја нарушуваме конкуренцијата меѓу земјите водечки во ова производство и другите во кои ништо не е направено”, рече тој за Francetvinfo. Тој исто така предупреди дека јајцата неминовно ќе поскапат.
Забрана за кастрација на прасиња
Треба да се напомене дека Франција, исто така, планира да забрани кастрација на машки прасиња од почетокот на 2022 година. По тој датум, земјоделците ќе имаат две опции. Првата ќе биде целосен крај на кастрацијата, а за фармите каде што сè уште ќе биде потребна тоа, ќе се користи локален анестетик за да се намали страдањето на животните.
„Тоа ќе се користи, на пример, во индустријата за месни производи“, објасни францускиот министер за земјоделство.
