Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) го официјализираа своето партнерство во насока на поддршка на праведна, сигурна и достапна енергетска транзиција во земјата.
Двете институции денеска потпишаа заедничка декларација со која УНДП и официјално беше поздравена како партнер на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (Just Energy Transition Investment Platform – JETIP), со што, според Министерството, дополнително се зајакнува државниот капацитет за спроведување на овој стратешки процес.
Инвестициската платформа (JETIP) претставува клучен владин координативен механизам. Нејзината цел е да ги поврзе приоритетните енергетски инвестиции – како што се обновливите извори, преносните мрежи, складирањето енергија и флексибилноста на системот – со конкретни мерки за праведна транзиција. Ова вклучува преквалификација на работната сила, поддршка за малите и средните претпријатија и директно вклучување на заедниците во регионите што традиционално зависат од јаглен.

– Преку Инвестициската платформа ја градиме основата за долгорочна и координирана енергетска транзиција, која ги поврзува инвестициите, политиките и потребите на граѓаните. Партнерството со УНДП е значајно бидејќи дополнително ја зајакнува поддршката за заедниците и локалните фактори, кои се директно засегнати од транзицијата. Соработката со УНДП ќе придонесе кон следната фаза на имплементација на JETIP преку поддршка на локалниот развој, инклузивното планирање и зајакнување на капацитетите за спроведување на праведната транзиција преку поддршка на засегнатите страни и локалните заедници – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, поздравувајќи го партнерството со УНДП.
За Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), пристапувањето кон Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција претставува стратешка пресвртница и клучен чекор напред во партнерството со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Одбележувајќи го ова партнерство, Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП, рече дека пристапувањето кон JETIP отвора клучни можности за поблиска соработка со меѓународните финансиски институции и развојните партнери во рамките на целосно координирани напори.
– Земјата покажа огромно лидерство во однос на климата со својата амбициозна цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030 година – изјави Григорјан.
Како што напомена, JETIP е моторот што ќе ја претвори оваа амбиција во рeaлност, со цел да се воведат 1,7 гигават капацитет за обновлива енергија и да се мобилизираат масовни инвестиции за модернизација на мрежата, складирање енергија и мерки за праведна транзиција.

– УНДП носи значајна додадена вредност во платформата преку нашата експертиза. Влијанието на овој пристап веќе го гледаме преку програмата „Зелен финансиски инструмент“ за инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност за домаќинствата и малите и средните претпријатија, која е финансирана од заедничкиот фонд за целите за одржлив развој, Владата и Европската банка за обнова и развој – истакна Григорјан.
Процесите во рамките на JETIP се спроведуваат со помош на Единицата за техничка поддршка, која е основана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, со поддршка од Bloomberg Philanthropies. Оваа единица овозможува секојдневна координација и ефикасна комуникација меѓу сите засегнати страни, предводени од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и партнерите на платформата.
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
