Управата за јавни приходи (УЈП) и Шведската даночна администрација го одржаа првиот состанок на УО на заедничкиот проект за модернизација. Како што информира УЈП, пректот се реализира со поддршка на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA).
Состанокот се одржа вчера, а беа разгледани привремениот извештај од почетната фаза на проектот, документите за процена на ризици, како и МЕЛ матрицата за мониторинг, евалуација и учење. Членовите на Управниот одбор се усогласија и за динамиката на следните активности и приоритетите во претстојниот период.
-Проектот претставува значајна поддршка за спроведување на стратешките реформи на УЈП и е директно поврзан со реализацијата на стратешките иницијативи „Премин во дигиталниот свет“ и „Силна администрација – здрава кондиција“. Преку трите компоненти – модернизација на деловните процеси и дигитализација, внатрешно управување и човечки ресурси, како и комуникација и управување со промени, проектот ќе придонесе за понатамошно јакнење на институционалните капацитети и трансформација на даночната администрација, наведува УЈП.

Според Управата, особена вредност на ова партнерство е можноста за размена на искуства со шведската даночна администрација, која претставува еден од најуспешните европски примери за институционална трансформација и градење високо ниво на доверба кај граѓаните и деловната заедница.
-Овој пристап е целосно усогласен со визијата на УЈП за создавање современа, професионална и услужно ориентирана даночна администрација нов лик на УЈП. На состанокот беше изразена благодарност до сите партнери и чинители вклучени во проектот, како и до Владата на Шведска за континуираната поддршка што ја обезбедува за реформските процеси во државата. Проектот претставува конкретен придонес кон европската интеграција на земјата преку зајакнување на оперативните капацитети на УЈП и исполнување на обврските во рамки на Поглавје 16 – „Оданочување“, наведува УЈП.
УЈП
