Случајот со земањето мито од страна на директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој е јасен показател дека законите важат подеднакво за сите сегашни и поранешни функционери и затоа апелирам овој случај да се истражи докрај, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Владата покажува неселективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената положба. Ваквите случаи во минатото не се случуваа, некако претходната власт сакаше да го затскрие секој криминал. Под притисок на јавноста можеби ќе се преземеше некаква активност, повеќе шминка отколку дела. Ги охрабрувам надлежните институции да го истражат целиот случај докрај затоа што само на тој начин ќе можеме да превенираме некакви идни дејствија во иднина“,рече тој.
Во однос на барањата за негова оставка од функцијата, рече дека тој не гледа никаква поврзаност оти Агенцијата е посебна институција, со посебен менаџмент, управувачко тело и токму затоа упати апел случајот да се истражи во целост и доколку има одговорност, да се дејствува согласно законот.
Извор – 360 степени
