Во текот на вчерашниот ден продолжи трендот на значително намалување на бројот на новопрегледани пациенти – лица кои прв пат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис, покажуваат податоците од јавните здравствени установи во Гостивар.
Како што информира Министерството за здравство, во Општата болница „Д-р Ферид Мурад” – Гостивар се регистрирани 60 нови прегледи на инфективното одделение, 37 нови прегледи на педијатриското одделение и 11 прегледи во Ургентниот центар, односно вкупно 108 нови прегледи. На инфективното одделение се примени 2 нови пациенти на болничко лекување, додека на педијатриското одделение нема нови хоспитализации.
Во Здравствениот дом Гостивар се регистрирани 87 прегледи во дежурна служба и 17 повици до Итната медицинска помош.

Во ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, вчера се регистрирани 3 нови прегледи на пациенти од подрачјето на Гостивар, при што еден пациент е хоспитализиран.
-Во текот на вчерашниот ден продолжи континуираниот тренд на стабилизирање на состојбата. Во споредба со 20.07.2026 година, кога во Општата болница Гостивар беа регистрирани 183 прегледи, вчера се евидентирани вкупно 108 прегледи, односно намалување од околу 41 отсто. Истовремено, бројот на прегледи во Здравствениот дом е намален од 110 на 87 пациенти, односно за околу 21 отсто, што дополнително ја потврдува позитивната насока на движење на бројките, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.
МИА
