Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски информира дека Владата ја даде согласноста за продолжување на првите договорите за закуп на земјоделско земјиште кои што договори истекоа изминатиот период.
Пред неполн месец БЕВМЕ, СЕ ДОГОВОРИВМЕ И ПОТПИШАВМЕ ЗАЕДНО. ДЕНЕСКА ИСПОЛНИВМЕ!Земјоделците од Свети Николе почнаа да ги добиваат продолжувањата на договорите за закуп на земјоделско земјиште – информира Николовски.

На денешната седница Владата ја даде согласноста за продолжување на првите светиниколски договори за закуп на земјоделско земјиште кои што договори истекоа изминатиот период.

Со денешните одлуки на Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе склучи договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба со закупците, претежно од светиниколскиот регион на кои претходните договори за закуп престанаа да важат заради истек на времетраење на нивните договори, а законот им дава можност за нивно продолжување. Продолжувањето на посочените договори доаѓа во пресрет на периодот за поднесување на барањата за финансиска поддршка од мерките за директни плаќања, и со склучувањето на новите договори земјоделците ќе го имаат регулирано корисничко право на земјоделското земјиште во државна сопственост.
Како што е посочено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно член 39 став 1 од Законот за земјоделското земјиште, по истекот на времетраење на склучениот договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, по барање на закупецот, доколку закупецот во целост ги исполнил обврските од договорот за закуп, министерот може, по претходно позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Северна Македонија и по претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија, со непосредна спогодба, да склучи нов договор за закуп со закупецот, најмногу за период од петнаесет години. Но, во случај кога истекува времетраењето на договорот за закуп, а на земјоделското земјиште има подигнато долгогодишен насад во сопственост на закупецот и закупецот во целост ги исполнил обврските од договорот, по барање на закупецот, министерот може со непосредна спогодба да склучи нов договор за закуп, по претходно позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Северна Македонија и по претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија, за период најмногу до амортизацијата на долгогодишниот насад.
