Сушата и екстремно високите температури во земјава, придонесуваат речните корита да бидат сѐ попразни, а последиците од нискиот водостој го чувствуваат и рибниците изградени на речните корита, и живиот свет во реките. Со слични проблеми се соочува и најголемата притока на Вардар, Треска, на чие корито егзистира најголемиот рибник во земјава во село Извор, а проблемите допрва ќе бидат уште поизразени, потврдуваат вработените во овој рибник.

-Сѐ уште не можеме да ги заборавиме проблемите кои ги направи сушата претходното лето, а нова суша чука на врата, бидејќи сме сведоци на секојдневно намалување на штедроста на изворот на река Треска и покрај фактот што оваа година поради нешто пообилниот снег којшто наврна во текот на пролетта, состојбата е нешто подобра. Сепак далеку сме од времето кога од изворот на Треска бликаше вода, а изобилството на вода нѐ чинеше да бидеме многу поспокојни во текот на летото и есента – велат вработени во рибникот во село Извор.

Тие воедно предупредуваат на можни последици од постоечката суша.
-Во моментов имаме нешто поповолна хидролошка состојба споредена со претходните две-три години.Така денес во каналот на изворот на Треска се измерени 85 сантиметри што е над котата од лани, кога во истиот период беа измерени само 65 сантиметри. Загрижува брзото опаѓање на водостојот, бидејќи нема залихи на снег во изворишниот дел на Треска кои во овој период би ја напојувале реката, а нема ниту пообилни врнежи од дожд кои би ја подобриле штедроста на изворот на Треска – додава Душко Радески.
Од компанијата стравуваат од брзо намалување на дотекот на вода што ќе значи и нови проблеми и нови искушенија за вработените од компанијата.
Извор: МИА
