На крајот на годината цените на житарките нагло пораснаа. Agrarheute пишува дека поттик за ваквата состојба на пазарот на житарки е студениот арктички бран што ги зафати САД. Температурите до -40ºC може да доведат до замрзнување на засеаната зимска пченица, што би го ставило еден од најголемите извозници во незавидна положба.
Пазарите реагираа со зголемување на цените. Во САД пораснаа за речиси четири отсто и се искачија на нивото од почетокот на декември.
Бранот поскапувања ја зафати и Европа. Од минатата недела цените на пченицата се зголемија за 17 евра, односно на 314 евра за тон, а со тоа и на нивото од почетокот на декември.
Комбинацијата на лоши услови за сеидба кога немаше доволно влага во почвата по сувото лето и тенката снежна покривка резултираше со посеви кои се почувствителни на студеното време. Ова може да предизвика оштетување и да го намали потенцијалот за принос.
Аналитичарите на Agritel очекуваат пазарите да останат во средина на висока неизвесност бидејќи трговците се обидуваат подобро да го проценат ризикот од штета од замрзнување во САД. Се очекува да поминат неколку недели пред да се добијат сигурни резултати.
На европскиот континент студеното време на почетокот на декември предизвика помали штети на зимските култури, објави минатата недела Европската агенција за мониторинг на културите MARS. Тоа ја подобрило толеранцијата на мраз.
Во соопштението за печатот се наведува дека помалите штети од мразот се ограничени на некои области во Централна и Источна Германија и Полска. Други аналитичари прогнозираат помала веројатност дека студот во делови од Европа ќе предизвика голема штета на зимските култури.
Во регионот на Црното Море, релативно високите температури биле погодни за посевите, кои поради временските услови таму често се сеат многу доцна.
Недостаток на врнежи е забележан во областа на Балтичкото Море, во Северна Германија, во Полска, на југоисточниот дел на Шпанија и во Турција. Ова сè уште нема значително влијание врз зимските житни култури. Сувите услови се забележани во северозападна Италија и низ регионот на Магреб, што доведе до одложување на сеидбата.
