Обилните врнежи од снег, кои од утрово го зафатија Струшкиот регион предизвикаа отежнато движење на коловизите и тротоарите.
Улиците во градот и населените места, кои ги одржуваат приватни фирми се проодни, потврди за МИА координаторот на Зимската служба при Општина Струга, Митко Коркутоски.
– Екипи на зимските служби се на терен и секаде се чисти. Патиштата кон селата Октиси, Лабуништа, Подгорци…, се релативно проодни, но во моментот обилно врне снег – истакна Коркутоски.
Потешкотии во движењето имаат и пешаците, поради подлогата од преходниот замрзнат снег.

– Новата снежна покривка го затскрива замрзнатиот снег по тротоарите, што оневозможува безбедно движење. Тротоарите се хаос, се плашиме од паѓање, кое може да предизвика скршеници – велат стружани.
Јавното комунално претпријатие информира дека нивни екипи се на терен и работат на расчистување на фрекфентните места, што се во нивна надлежност.
– Екипите на ЈП „Комунално” Струга организирано излегоа на терен, со работна сила и специјални возила. Се чистат од снег тротоарите на поглавните улици, чаршијата и кејовите – површините кои ЈП „Комунално” Струга има обврска да ги одржува во зимски услови и се посипуваа со индустриска сол и ризла – соопшти претпријатието.
Поради обилните врнежи од снег АМСМ информираше дека од утрово е воведена забрана за движење на товарни возила на патниот правец Струга – Ќафасан.
