Пред неколку дена, Светомир Потиќ, сточар од пиротското село Копривштица, се здобил со тешки телесни повреди борејќи се со волчица. За да го заштити стадото кози од дивиот ѕвер, Светомир со голи раце ја задавил крупната волчица. пренесува Novosti.rs.
Тешките повреди на рацете сведочат за борбата на Светомир со волкот. Но и повеќе од 20 гризнувања и бројни модринки не го спречиле од болница веднаш да се упати кон неговите кози на Стара Планина.
Светомир вели дека во кобната ноќ го разбудило лаењето на неговите пет овчарски кучиња.
„Станав да видам што се случува во трлото каде што беа козите. Мислев дека можеби се прикрало некое куче. Излегов со рефлекторот и видов волк крај оградата како влече една коза. Успеав да му ја земам и да го повлечам за задната нога за да не нападне уште некоја коза. До тој момент веќе имаше заклано седум кози“, се присетува Светомир.
Во текот на борбата памти дека во еден момент волкот го фатил за подлактицата.
„Некако успеав да ја извлечам раката. Немав ни стап ни ништо покрај себе. Почувствував како нешто топло ми се слева од двете раце и цел бев крвав. На крајот му ја фатив долната вилица и успеав да си ја ослободам раката.“
Повреден и раскрвавен не успеал да го вклучи мобилниот телефон, туку со автомобилот се упатил кон блиското село да побара помош.
„Кога престана да дава знаци на живот, отидов во селото и му се јавив за помош на братучед ми Ивица Најдановиќ“, вели овој сточар, кому полицијата пред неколку години му ја земала ловечката пушка поради расправија со соседот.
Тој вели дека за седум години, колку што чува кози на Стара Планина, никогаш не бил нападнат од волк.
