Германскиот земјоделец Кристоф Бекер од областа Хајдекреис измислил т.н. „свинска зујалка“ за своите 1.000 свињи. Тој го дизајнирал уредот за тие да можат да го користат самостојно.
„Свињите се најинтелигентните домашни животни што ги имаме“, рече Бекер за Lebensmittel Praxis, додавајќи дека и тие самите знаат што сакаат.

Станува збор за направа што свињите ја активираат со своите муцки, а водата потоа доаѓа до нив. Освен за туширање, овој систем се користи на неговата фарма и за поилки, но овие животни со негова помош можат и да вклучат музика.
Благосостојбата на животните му е на прво место за овој сточар, а преку бројачот што го инсталирал открил дека свињите го активирале тушот 80.000 пати за 18 месеци. Тоа е околу шест пати на ден по животно, а Бекер објасни дека најмногу го користеле во летните месеци за да се разладат.

Награден е со 10.000 евра
За иновацијата Бекер го освоил првото место за благосостојба на животните и е награден со 10.000 евра од иницијативата Tierwohl (ITW). Тој е убеден дека конвенционалното земјоделство мора да се промени и затоа го менува пристапот кон него.
Сепак, важни прашања во врска со спроведувањето на ваков систем на фармите сè уште не се разјаснети. Ова е првенствено прашање на одобрување и финансиска изводливост.
„Некои сметаат дека оваа идеја е одлична, додека други се помалку убедени во тоа“, забележува Бекер, велејќи дека економскиот аспект игра важна улога.
Според локалните медиуми, планот е компанијата „Covitac“ да го преземе сериското производство на овој иновативен производ, а нивното лансирање е планирано за оваа година. За цената сè уште не се зборува.