
Стадо од 300 овци и кози е задолжено за заштита на дел од Барселона од пожари, а целта е да бидат што повеќе, пренесуваат странските медиуми и нагласуваат дека ова е стар метод за заштита од пожари.
Барселона во борбата со огнената стихија почна да смета на козите и овците чија задача е да изедат што повеќе трева и други растенија во најголемиот градски парк, со цел да се намали можноста од избивање и распламтување на пожари.
Како што пишува Вашингтон пост, пред еден месец пожарот проголтал се пред себе, додека ненадејно не „запрел“ пред куќите во Западен Сакраменто, а иако се изгледало како чудо, се покажало дека всушност е резултат на 400 гладни кози кои ја паселе ниската вегетација.
„Животните се основни работници, не измислуваме ништо ново“, нагласи Гијом Канталета од невладината организација „Пау Коста“, која ја користи истата стратегија во Жирона од 2016 година.
Сличен метод во борбата против пожарите беше применет во Андалузија пред повеќе од две децении, пишува Гардијан.
Во Барселона, во април беше лансиран пилот-проект во паркот Кољсерола над градот, кој зафаќа 8.000 хектари и каде што во просек избувнуваат 50 пожари годишно.
Претставник на градот, Елои Бадија вели дека последиците од пожар, доколку избувне во овој парк, би биле огромни, имајќи предвид дека е опкружен со густо населени општини.
Регионален проект во Шпанија вклучува повеќе од 100.000 животни кои се користат за заштита од пожари и се проценува дека на властите ќе им заштеди 75 отсто од средствата што би ги потрошиле за механичко уништување на вегетацијата.
Животните ширум планетата имаат голем придонес во спречувањето на пожарите со расчистување на вегетацијата. Во Калифорнија, десетина компании купиле кози за целно пасење, откако во минатогодишните пожари изгореа 850.000 хектари. Во Португалија, во 2017 година, загрозен вид коњи помогна да се зачува природниот резерват Фаја Брава. Во Канада, кравите помогнаа да се спречат катастрофи со пасење на областите подложни на пожари.
Напишете коментар