Со новиот род на пченица во соседна Србија се уште не се тргува во голема мера, иако жетвата беше завршена пред две-три недели.
Земјоделците очигледно не се задоволни од цената на новиот род, која на Продуктната берза се движи околу 36 динари без ДДВ, а не се задоволни ниту од понудата на Републичките стокови резерви, кои плаќаат 40 динари со ДДВ за новата пченица и откупуваат 131.000 тони жито, пишува Дневник.рс.
Впечатокот е дека земјоделците само ги следат случувањата на пазарот во очекување на повисока цена, иако парите од пченицата се прв приход во годината за земјоделците и им се потребни за животни трошоци и за покривање на трошоците за скапата сеидба.
Многумина го сместиле житото во силоси надевајќи се дека ќе се повтори минатата година, кога тргувањето со пченицата во Србија започна од 23,2 динари, а на крајот на мај пченицата чинеше двојно повеќе, 48,4 динари.
Аграрните аналитичари сега проценуваат дека тоа бил ценовниот максимум и дека родот од оваа реколта нема да оди нагоре со брзина како минатата година.
Аграрниот аналитичар Бранислав Ѓулан од Нови Сад вели дека во светот има 790 милиони тони нова пченица и дека овие количини се нешто поголеми во однос на минатата жетва.
-Цените на пченицата нема многу да се зголемуваат – смета Гулан – На земјоделците би им одговарало поради скапите трошоци за сеидба, претстојната сеидба и заработката, новиот род да чини најмалку 45 динари, но изгледите за тоа, барем засега, се мали – рече Гулан.
Според зборовите на Александар Раднељ, земјоделец од селото Каќ кај Нови Сад, ниту еден од земјоделците од селото и пошироко не добил пари за пченица.
-На оние на кои им требаа пари, ги добија од откупувачите, а за останатите пари ќе почекаат малку да порасне цената на житото – нагласува Раднељ и посочува дека оваа пролет имало голема суша, дека приносите биле полоши и затоа родот би требало да чини 45 динари.
-Со таа цена би можеле до одреден степен да покриеме дел од трошоците за новата сеидба на пченица во октомври – истакнува Рандељ.
Според Ања Јакшиќ од Новосадската продуктна берза, пазарот е поактивен оваа недела во однос на минатата, па цената на пченицата е приближно 40 динари, односно 39,6 динари со ДДВ и 36 динари без данок на додадена вредност, но дека тоа е цена на пченицата со подобри параметри.
Интерес за тргување, посочи таа, постои, но има малку купопродажби, во моментов се бара повеќе пченица отколку што се нуди, па цената почнува да расте, но полека.
На Берзата се уште трае пријавувањето за откуп на ново жито за потребите на Републичките стокови резерви. Иако почна пред десетина дена, квотата се уште не е пополнета. Пристигнати се околу 800 барања за продажба на околу 93.000 тони, пишува Дневник.рс.