Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски во Белград, Република Србија, се сретна со својот српски колега, Драган Гламочиќ. Во фокусот на разговорот беа можностите за продлабочување на соработката во земјоделството, преработката, безбедноста на храната и ветеринарната заштита, како и создавањето нови развојни можности меѓу двете земји.
Министрите Серафимовски и Гламочиќ посочија дека географската близина, поврзаноста на пазарите и сличните предизвици со кои се соочуваат земјоделците претставуваат добра основа за поцврсто партнерство. Соработката меѓу двете земји, како што беше нагласено, треба да добие практична димензија преку размена на знаење и технологии, нови деловни врски и подобро поврзување на примарното производство со преработувачката индустрија.

Министерот Серафимовски нагласи дека македонското земјоделство влегува во нова развојна фаза во која институционалната поддршка се насочува кон поттикнување на поголемо и поквалитетно производство, модернизација и подобра пазарна позиција на домашните производи.
„Нашата задача е земјоделството да произведува повеќе и поквалитетно, да привлече нови инвестиции, да биде подготвено за климатските и пазарните промени и да понуди препознатливи производи со поголема додадена вредност, усогласени со европските стандарди. Регионалната соработка може да ја забрза таа промена и да отвори нови можности за земјоделците и сточарите“, истакна министерот Серафимовски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, Драган Гламочиќ, оцени дека двете држави имаат добра основа за натамошно продлабочување на соработката, особено преку размена на искуства во модернизацијата на производството и усогласувањето со европските земјоделски политики. Тој посочи дека редовниот дијалог меѓу министерствата може побрзо да ги трансформира заедничките иницијативи во конкретни проекти.
„Со поголема поврзаност меѓу институциите, земјоделците и деловната заедница можеме да создадеме простор за нови инвестиции и посилен регионален пазар“, истакна министерот Гламочиќ.
