По две одлични сезони, оваа ќе биде запаметена кај земјоделците како лоша во целиот регион.
Годинава сè што можеше лошо се случи – лошо време, болести, евтина украинска пченица и конечно – ниска откупна цена.
Слично е и во Србија, а ситуацијата ги изненади сите. Причината, според експертите се лошите временски прилики, односно топлотниот удар кој го намали родот и квалитетот на пченицата. Исто така претходните чести врнежи не дозволуваа навремена и правилна заштита од болести и штетници кои исто така влијаеја на висината на приносот.

Но најмногу изненади наглиот пад на цената на берзата. Без разлика што ланските цени од 350 евра за тон биле нереални и се очекувало дека нема да може да се одржат, оваа сезона не може да се објасни зошто се толку ниски.
Цената на берзата за производи е од 20 до 21,50 дина/кг без ДДВ (170 до 180 €/t, оп.а.), во зависност од квалитетот.
„Овој ненадеен пад е прекумерен. Сè што е под 200 евра за тон е загуба за секој земјоделец бидејќи инпутите беа многу поскапи од претходните години“, предупредуваат експертите додавајќи дека не се знае дали е тоа влијание на прекумерните количини руска или украинска пченица, дали купувачите биле незаинтересирани или државата не била подготвена да интервенира и да спречи ваков тип на конкуренција.
Се посочува дека Србија е во полоша ситуација бидејќи нема или има многу слаба поддршка од државата која вети дека ќе откупи околу 300.000 тони на пазарот, но се уште не распишала тендер.
„Но, гледам дека и хрватските земјоделци протестираат и бараат заштита. Меѓутоа, овде никој не одговара на протестите на земјоделците и не знам што ќе биде на крајот. Важно е жетвата да заврши, а потоа да се разговара за се“, вели Проф.др Мирослав Малешевиќ.
Пченица ќе има доволно за домашни потреби, бидејќи во Србија се посеани поголеми површини, па иако квалитетот е проблематичен, ќе ја има повеќе од претходните години. Сè уште има на залиха ланска поквалитетна бидејќи имаше забрана за извоз на одреден период, а тоа сега прави дополнителни проблеми.
Извор –Агроклуб.рс
