Силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд го зафати Полошкиот регион, предизвикувајќи излевање на водотеци и поплавување на обработливи земјишта, земјоделски површини и населени места, информира 24ТВ.
Голем број ниви се под вода, пристапните патишта се отежнати, а материјалната штета е значителна. Надлежните служби се на терен и вршат проценка на последиците од невремето, додека жителите се соочуваат со сериозни последици…
Како што информираат од Центарот за управување со кризи, на подрачјето на Тетово и околината евидентирани се пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Оттаму информираат дека полициските службеници вршат увид на локациите, додека општинската механизација е ангажирана за расчистување на свлечишта и санација на настанатите штети. Слична е состојбата и во Гостивар и околината каде регистрирани се поплави на повеќе локални патни правци и во одредени населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите, а механизацијата на Водостопанство е вклучена во отстранување на свлечишта и санација на последиците од невремето.
ЦУК
,,Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети. Во Гостивар и околината се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од Водостопанство излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети“ велат од ЦУК…
Интензивните врнежи од дожд го парализирале и локалниот патен правец помеѓу селата Форино и Тумчевиште кој е значително отежнат за сообраќај. Истовремено, регистрирани се излевања на Лакавичка Река во Мало Турчане и на Сушичка Река во Горна Бањица, како и поплави на земјоделски парцели и дворови во Балин Дол, Бањица и Мало Турчане, додека во коритото на Вардар во Форино е забележано паднато дрво, при што надлежните служби ја следат состојбата и преземаат соодветни мерки.
