Во изминатите денови имаше периоди на сончево време со умерена облачност, наутро студено со повремени врнежи од дожд на некои места, и слаб до умерен ветар.
Во градинарството на почетокот на овој месец се сади зелената салата, а кај останатите градинарски култури се врши берба на плодовите. Исто така и кај лозарството имаме берба на некој касни сорти на десертно грозје. Кај поледелските култури во овој месец започнува сеидбата на пченицата и јачменот. Времето на сеидбата има големо значење, бидејќи директно влијае врз времето на поникнувањето, презимувањето на растенијата, а и врз приносот. Некои сорти се сеат порано а некои подоцна. Температурните услови се тие што диктираат кога треба да се засеат сортите во одреден регион. Се препорачува да се применуваат правилни агротехнички мерки, примена на правилни сорти.
Под влијание на поле со висок воздушен притисок следува период на стабилно време. Утрата ќе бидат ведри и студени со ниски температури кои наместа ќе се спуштат под нула степени. Во текот на денот времето ќе биде сончево и релативно топло. Минималната температура ќе се движи во интервал од -2°C до 10°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 17°C до 27°C.
Токму овие изразени температурни разлики помеѓу денот и ноќта во раните есенски месеци, обично во септември и октомври, носат ризик од појава на рани есенски мразеви во раните утрински часови. Иако тие генерално се со помал интензитет и предизвикуваат помала штета во споредба со доцните пролетни мразеви, сепак можат сериозно да ги оштетат термофилните градинарски култури кај кои сè уште има плодови на отворено, како што се доматите, пиперките и краставиците. Исто така, под ризик е и необраното овошје, како и лозовите насади.
За да го заштитат својот род од утринскиот студ, земјоделските производители треба најпрво да ги оберат сите дозреани плодови на отворено. Дополнително, за преостанатите култури е потребно навремено преземање соодветни превентивни мерки. Се препорачува покривање на растенијата со агротекстил (агрил фолија), како и мулчирање на почвата. Поставувањето дебел слој од слама, суви лисја или кора од дрво околу кореновиот систем е одлично решение за да се задржи топлината во земјата. Како ефикасен метод во критичните ноќни и рани утрински часови се советува и навремено наводнување на културите преку системи за прскање и оросување.
Извор: Агрометео
