Сода бикарбона е натриум бикарбонат и луѓето често се прашуваат дали тоа е природно соединение? Да, тоа е целосно органски додаток на градината и всушност е хемиско соединение кое се наоѓа во изворите и гејзерите. Делува така што ја зголемува pH вредноста на листовите и на тој начин го спречува ртењето на спорите на габите.
Се користи за заштита на зеленчукот, овошјето и цвеќето од штетници како што се стениците, црвениот пајак, полжавите, лисните вошки и болестите како што се пепелница, пламеница, антракноза и црна пегавост.
Средствата направени од сода бикарбона лесно се подготвуваат, евтини се, достапни за секого, а има неколку рецепти за нивна употреба.
Додадете масло и детергент за подобри перформанси
Наједноставно средство е да се растворат 50 гр сода бикарбона во 10 литри вода, а со таков раствор се препорачува прскање на секои седум дена, особено по дожд, бидејќи влагата влијае на развојот на габични заболувања.
Исто така, за подобар ефект, додадете капка растително масло, капка детергент за миење садови и две лажици сода бикарбона во два литра вода. Растителното масло ќе служи како фиксатор, а детергентот овозможува подобро распрскување на содата.
Кога користите детергент, внимавајте да не содржи избелувачи, што може да биде штетно за растенијата.
Содата може да се користи и во комбинација со млеко
Препаратот во комбинација со млеко се прави така што во еден литар млеко се додава една лажица сода и се меша во 10 литри вода. Количината на вода може да се намали, но многу внимавајте на размерите, па потоа намалете ја количината на сода и млеко за растворот да не биде премногу јак, односно да не ги изгори листовите од растенијата.
Ова средство е ефикасно и против компирова златица бидејќи тие и нивните ларви не можат да го варат млекото. Сода бикарбоната е добра и за отстранување на пестицидите од овошјето и зеленчукот, а можете да ја користите и за чистење на алатите во градината.
Примена на средствата
Пред нанесувањето на средството, се препорачува растенијата прво да се испрскаат само со вода, а потоа со приготвениот раствор, кој треба темелно да го нанесете на целото растение, имајќи ја предвид долната страна на листовите, односно задниот дел.
Постапката повторете ја неколку пати, но внимавајте да не го оштетите растението и не користете премногу силен раствор, бидејќи високата концентрација на натриум може негативно да влијае на земјоделските култури. Покрај тоа, сода бикарбона може да се таложи во почвата и да апсорбира железо и калциум, што ја спречува апсорпцијата на овие елементи од растенијата. Последица на тоа е бавен раст и жолтеникави лисја на растенијата.
Напомена: Кога користите домашни препарати, прво пробајте ги на мал дел од растението за да бидете сигурни дека нема да му наштетат. Исто така, не ги нанесувајте производите кога сонцето е јако и температурата е висока, бидејќи тоа ќе доведе до изгореници на растенијата.
