Во Директивата од ЕУ врз чија основа се прави законот, се предвидени рокови за плаќање при откуп на земјоделски производи и договори при откуп на грозје.
Со законот против нефер трговски практики, што го најави министерот за економија Крешник Бектеши, земјоделците може да очекуваат да се регулира рокот на плаќање, така што тој за расиплива стока да не може да биде подолг од 30 дена по предавањето на производите, потоа да не може купувачот еднострано да ги менува договорите за купување земјоделски призводи или да не може во некој неразумен рок да откаже договор за расиплива храна.
Ова се одредби од Директивата на ЕУ 2019/633 врз чија основа треба да се регулира прашањето за нефер трговски практики.
„Задоцнетите плаќања за земјоделски и прехранбени производи, вклучително и задоцнетите плаќања за лесно расипливи производи, и краткорочното откажување на нарачките на лесно расипливи производи, негативно влијаат врз економската исплатливост на добавувачот, без да се обезбеди неутрализирање. Затоа, таквите практики треба да бидат забранети. Во тој контекст, соодветно е да се обезбеди дефиниција за расипливи земјоделски и прехранбени производи за целите на оваа Директива“, пишува во европскиот документ.
Директивата на ЕУ ги предвидува и роковите на плаќање и за земјоделските производи што не се расипливи и за останата храна.
„Со цел да се обезбеди зголемена заштита на земјоделците и нивната ликвидност, добавувачите на други земјоделски и прехранбени производи не треба да чекаат за плаќање подолго од 60 дена по испораката, 60 дена по завршувањето на договорениот рок на испорака каде што производите се испорачуваат редовно, или 60 дена по датумот на кој е утврден износот што се плаќа“, пишува во оваа Директива, пренесува Слободен печат.
Таму има и посебен дел за грозјето и се оценува како добра практика склучувањето на договорите што се обврзувачки во земјите членки на ЕУ.
„Грозјето и ширата за производство на вино имаат посебни карактеристики, бидејќи грозјето се бере само во многу ограничен период од годината, но се користи за производство на вино, кое во некои случаи ќе се продава многу години подоцна. Со цел да се погрижат за таа посебна ситуација, организациите на производители и меѓугранските организации традиционално развиваат стандардни договори за набавка на такви производи. Ваквите стандардни договори предвидуваат конкретни рокови за плаќање на рати“, објаснето е во документот што треба да биде основа за справување со нефер трговските практики.
Министерот Бектеши во пресрет на ограничувањата на трговските маржи рече дека големи синџири оствариле огромни добивки ставајќи маржи и до 30 проценти. Тогаш го најави и новото законско решение што е во подготовка.
