Семејството Томашевиќ од селото Пауне кај Ваљево, Србија, почнало да одгледува кози пред две децении, а пред неколку години се посветило на одгледување алпски кози. По што е посебно нивното сирење?
Откако Снежана Томашевиќ останала без работа во една компанија во Ваљево, таа посериозно се посветила на одгледувањето кози. За своите производи од козјо млеко, пред сѐ сирењето, семејството Томашевиќ брзо нашло купувачи, пред сѐ во Ваљево и во Белград.
„Пред 20 години чувавме три кози, имавме млеко и сирење за нас, потоа го зголемивме бројот на седум, а потоа се појавија муштерии, па го зголемивме стадото на 22 грла. Во 2014 година останав без работа и оттогаш почнавме посериозно да се занимаваме со козарството, купивме шест алпски кози, а сега имаме 40 возрасни и 10 млади“, вели Томашевиќ.
Секоја има свое име
Таа вели дека секоја коза има свој посебен темперамент и дека сите може да ги разликува.
„Има многу работа околу нив. Станувам околу пет часот наутро, ги молзам, потоа им даваме сено, се концентрираме, ги оставаме да пасат и потоа почнувам да правам сирење. Имаме околу 80 литри млеко дневно, 40 наутро и истата количина навечер, а на почетокот на лактацијата добивавме и до 150 литри млеко“.

Белоушка, Цица, Џаво, Мрвица, Цвета, се само дел од имињата кои Снежана им ги дала на нејзините кози.
„Ги продадовме сите јариња што ги добивме оваа година и засега не планираме да го зголемиме бројот на козите. Млекото што го даваат е квалитетно, а голема е побарувачката и за сирењето, па кога ќе се одбијат трошоците, остануваат доволно пари за пристоен живот“.
Клиентите понекогаш мора да чекаат
За производите од козјо млеко има голем интерес и побарувачката е многу поголема од сегашното производство, па купувачите понекогаш мора да чекаат, а ги има сѐ повеќе.
„Млекото прво го цедам, па го варам и кога ќе се олади, го цедам и пак го загревам. Кајмакот не го вадам затоа што тогаш не би било квалитетно сирењето. Грутката потоа се става да се цеди, па се посолува, се сече и се пакува“, објаснува Снежана и додава дека за да се направи старо сирење мора да стои најмалку 20 дена и е многу побарано од младото сирење.
„Дневно правам од 17 до 18 килограми сирење, а месечно и до 500 килограми. Мој совет е кога купувате сирење да купите и сурутка и да го чувате во неа. Тоа што домаќинките одлучуваат да зовријат солена вода и да го прелијат сирењето, не би го препорачала“, советува Снежана.

Сирење кое нема мирис?
Порано семејството Томашевиќ имале десет молзни крави, но со текот на времето тоа производство им станало неисплатливо, па наместо крави купувале кози. Литар козјо млеко е 120 динари (околу 60 денари), килограм младо козјо сирење 500 динари (околу 250 денари), а тврдото 600 динари (околу 300 денари). Од почетокот на епидемијата на корона, сурутката е многу барана, а цената е 70 динари. Снежана напоменува дека продава од 20 до 30 литри сурутка дневно.
„Има голема побарувачка, а тоа ни кажува дека имаме квалитетни производи, дека луѓето сакаат да се хранат здраво. Често ни нарачуваат младо сирење и не бараат воопшто да не го солиме. Кој еднаш ќе проба козјо сирење, продолжува да го зема и така се шири кругот од нашите клиенти. Сирењето не го продавам на пазар, ама додека го продавав не ми веруваа дека е вистинско козјо сирење и ме прашуваа како нема мирис. За да нема мирис, мора сѐ да биде чисто, и садовите во кои се става млекото и кантите во кои се пакува производот“, нагласува Снежана.

Извор: agroklub.rs
