Кривопаланечките шуми и ливади изобилуваат со секакви примероци на печурки, а големите дождови, влажниот воздух и високите температури овозможуваат идеални услови за раст на печурките. Берењето печуки е главен извор на приходи или дополнителна заработка на многу жители на овој крај, особено во селските населби, кои покрај редовните активности на поле се занимаваат и со берење печурки.
Бербата на печурки во овој крај трае повеќе од половина година и главно првите печурки се појавуваат на крајот на април и почетокот на мај, па затоа бербата зависно од видовите на печурка и времето на појавување е актуелна сè до појавата на првите мразови.

Сопственикот на еден од откупните пунктови во Крива Паланка, 53-годишниот Љупчо Спасовски, вели дека сите печурки што се јадат се добри за здравјето на луѓето бидејќи се органски, од природни места, особено што на ова подрачје и нема многу индустрија.
-Има голем избор на печурки за јадење, кои изобилуваат со минерали и витамини, а содржат мал дел сол и холестерол, почнувајќи од вргањ, „кралот на печурките“ кој може и да се одгледува, до лисичарка, смрчка, рујница, црна труба и сл. Има појави на труење од печурки, а тоа се обично луѓе кои од љубопитност берат печурки и не ги знаат опасностите од нив – вели Љупчо.

Како што ни објаснува искусната берачка Дона, ова е сега почеток на сезоната на берба на печурки, таа верува дека за некој ден кога ептен ќе фатат топлините и високите температури, печурките ќе почнат да никнуваат во поголеми количини.
Овој период се берат смрчата и ѓурѓеванката за кои ова е најдобар период, цената на смрчата е 400 ден/кг и 100 ден/кг онаа лажната, и за килограм ѓурѓеванка откупувачите плаќаат 400 денари. Но сепак овие први видови на печурки ги има во помали количини, па најчесто завршуваат во тавите на кривопаланчани, затоа и нема некоја голема раздвиженост од страна на берачите. Смрчата всушност веќе помина и некои од берачите успеаја да заработат некоја минимална сума, зашто ја снемува со покачување на температурите, сега поактуелна е ѓурѓеванката, но и нејзе ќе ја снема за некој ден.

Сите ја чекаат сезоната на вргањот, која започнува кон крајот на месец мај, зависно од временските услови.
„За да не се уништат при транспортот, печурките најдобро е да се собираат во торби, се берат на тој начин што полека се завртува стеблото кога се извлекуваат од земјата. Не е добро да се сечат при дното на стеблото бидејќи така им се овозможува полесен пристап на паразитите и вирусите кои ја напаѓаат печурката. Кога ќе ја откинете печурката, исчистете ја од земјата и доколку има некој инсект во неа“, објаснува нашата соговорничка, искусна берачка на печурки, 70-годишната Дона.

Како илустрација да ја земеме минатата година кога времето многу и се погоди на печурката, берачите постојано се жалеа на ниската откупна цена, која во месец јуни за првата класа изнесуваше од 200 до 250 денари, за во месец август да падне на 50 до 100 денари за килограм, за печурка од сортата дубичарка, која ја имаше во огромни количини.
Се случувало дневно еден берач да донесе кај откупувачите и над 30 килограми печурки ама големиот род успеа да ја симне цената, незадоволните печуркари не сакаа да ги продаваат печурките каде на некои откупни места цената изнесуваше и 30 денари за килограм, па ги сечеа и сушеа на жешкото сонце, за подоцна во таква сува состојба да им ги предадат на откупувачите. Но и овде се бараше квалитет, така што онаа најубавата бела сушена печурка во месец јуни од првата берба се откупуваше дури и за 1800-2000 денари за килограм, додека онаа сува печурка откупена во август изнесуваше 1200 денари и во последната берба во месец август – септември цената изнесуваше 1100 денари за килограм прва и класа и 700-800 денари за втора класа.
Како што дознаваме од разговорите со сопствениците на откупните пунктови, дневно за првата берба во мај-јуни лани се откупувале по околу 3 – 4 тони дневно од пет до шест пункта на подрачјето на Кривопаланечко, додека во месец август со појавата на дубичарката се откупувале и до 12-13 тони на ден свежи печурки. Поголемиот дел со камиони ладилници заминувале за извоз најчесто во Италија, Франција, Португалија, Германија, а помал дел останал за домашниот пазар, за потребите на трговските синџири и угостителите, во свежа и сушена состојба.
За сезоната 2019/2020 Подрачното шумско стопанство „Осогово“ издало вкупно 31 дозвола за собирање споредни шумски плодови. Дозволите се со цена од 400 денари, а важат за цела сезона. Така, сите граѓани кои поседуваат ваква дозвола, што е и задолжително, можат да се занимаваат со берба на шумски плодови преку цела година.
Бидејќи сезоната на вргањот допрва доаѓа, добрите познавачи на состојбите ги советуваат луѓето кои ги берат печурките за лична употреба добро да внимаваат и пред употреба да ги консултираат искусните берачи.
„Што се однесува до продажбата, во откупните пунктови луѓето ги прегледуваат печурките и таму не може да има грешка“, вели Љупчо.
