Слоу Фуд Македонија вчера беше дел од настанот „Жетва на промени“, кој го организираше GIZ во Маврово – домаќините ни дадоа можност да бидеме дел од настанот со важните, автентични вредности на нашата гастрономија.
Посетителите ги пречекуваше штанд со материјали за активности кои ГИЗ ги реализирал во изминатата деценија, а веднаш потоа диверзитетот на Слоу Фуд кој се впиваше преку сите сетила. Започнуваше со аромите на топол чај и варено вино во воздухот, па визуелно преку штандот на Слоу Фуд Македонија кој беше вистинска трпеза на автентичност, а на крај завршуваше преку сетилата за слух и вкус поврзувајќи ги приказните за производите со она што гостите го пробуваа.

Чекор понатаму беа и питите кои час претходно, на работилницата „Учиме да сучиме“, Наташа Недановска од Пирустија ги создаваше нарекувајќи ги охридски комат. Со нежни, сигурни движења, таа ја пренесуваше вештината што генерации ја чувале во кујните на своите домови. Еден дел од гостите ги следеа нејзините инструкции и со задоволство се обидоа да сучат сами – а резултатот беа топли, превкусни пити што веднаш ги обединија сите околу трпезата.


Филозофијата на Слоу Фуд, нашето постоење како заедница и работите што нè прават автентични, со здружени сили ги претставија Елена Каровска Гошевска и Вања Тодоровска, а зборуваа и за соработката со ГИЗ, за водичот „Слоу Фуд гостилници“ и фазата која му претходеше а која активно ја вклучи СФ Алијансата на готвачи, за водичот што ја помага примената на флексибилноста кај малите производители…
Вечерта заврши со кујната на шеф Зоран Мајновски, член на Алијансата на готвачи, кој создаде симбиоза меѓу традицијата и модерното. Тоа не беше кулминација на денот само поради временскиот распоред, туку и поради пораките кои ги пренесе со секоја нова чинија – практичната примена на „обичните“ состојки и производи од македонското секојдневие, како ајварот, и нивната интеграција во модерната гастрономија; вкусот кој преминува од просечен кон извонреден при мала промена на техниката на спремање; разликата која ја прави квалитетот на суровините кои се користат кога истите се сезонски и на крај, иако не помалку битна, пораката дека успехот доаѓа од сплотеноста во работата на заедницата, па дури и на два тима кои првпат се среќаваат но со искрена желба за соработка, како што тоа беше вчера со тимот на Слоу Фуд и тимот на @Mia’s Favorite Hotel.

Вината, кои беа внимателно избрани и претставени од Ивана Симјановска, беа неопходен елемент на гастрономското уживање и потсетник дека убавината на пиењето вино доаѓа од познавањето на тоа што се пие, а не колку се пие.
Жетвата на промени е прослава на заедничките достигнувања и потсетник за тоа што се може да направиме сите заедно во секторот.


Им изразуваме искрена благодарност на GIZ North Macedonia за укажаната доверба да го организираме овој дел од нивниот настан, како и на сите наши гореспоменати долгогодишни соработници и членови за посветеноста на задачите, која беше од суштинско значење за овозможување на оваа жетва на достигнувања.
