Во францускиот град Ремс, соочени со една од најголемите кризи во историјата на туризмот, угостителството и винарството, смислиле иновативен начин како да привлечат туристи и да им помогнат на производителите на шампањ.
Секој турист кој ќе исполни извесни, многу прецизни но лесно достапни критериуми, ќе добие шише бесплатен шампањ. За овие потреби општинските власти откупиле, засега, 3.000 шишиња шампањ од 68 винарии, со идеја да се откупат и дополнителни количини за сите туристи кои се квалификуваат за да можат да уживаат во прочуеното француско вино.

За да добијат шише шампањ, туристите треба да ги исполнат следниве услови: да јадат во локален ресторан (локалите со брза храна не доаѓаат предвид), да отседнат во хотел или пансион надвор од AirBnB системот, да платат за културна, туристичка или спортска активност како што е посета на кино, посета на винарија или изнајмување на велосипед. Кога ќе го завршат сево ова , туристите можат да го подигнат своето шише во туристичкото биро во Ремс.
Овој шармантен потег е дел од широката стратегија на Французите да ја спасат индустријата за шампањ, пијалок, кој, по својата природа, најмногу се служи на прослави и други свечени прилики и затоа е најтешко погодена со мерките на социјално дистанцирање. Убавата вест од Ремс стигна и во медиумите истиот ден кога е објавена.
Кризата ги продлабочи разликите помеѓу винарите и лозарите: лозарите сакаат приносите да се ограничат на не помалку од 10 тони по хектар, што би им овозможило поголем приход, неопходен за надминување на моменталните состојби.
Винарските куќи кои произведуваат шампањ, од друга страна, стравуваат дека ваквото ограничување на приносите ќе создаде вишок на вино на пазарот, со тоа последователно намалување на цените. Пазарот веќе некое време страда од преголемото производство на шампањ, а актуелната криза само ги влоши проблемите со ликвидноста Нивен предлог, за сега неприфатлив за лозарите, е приносот да се ограничи од 6 до 7 тони по хектар.

Двете вести се потсетник дека винската индустрија се наоѓа во доста невообичаена и тешка ситуација и дека претстојната берба за многумина ќе биде историски предизвик, дури и во најпознатите и најбогатите вински региони.
Извор: Vino & fino
