Во екот на жетвата на пченицата, земјоделците се жалат на ниска откупна цена но и непочитување на договорената цена за откуп на пченицата од 12 денари за прва и втора класа, од страна на откупувачите.
Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијацијата на земјоделци за Агротим вели дека цената од 11 до 12 денари за килограм пченица не е висока но е речиси идентична како во соседните земји, Србија и Грција. Според него производната цена е висока но пазарните услови си го направија своето. Затоа тој апелира земјоделците да ја складираат пченицата, трошоците за складирањето ќе им ги надомести државата.
„Сѐ што е пченица над 75 хл ќе се плаќа по 12 денари, сѐ што е под оваа хектолитарска тежина по 11 денари, плус превозот. Моментално во Србија и Грција е пониска цената од кај нас. Затоа нашите откупувачи велат дека има од каде да набават. Со оглед дека се очекува цената да порасне по жетвата, затоа земјоделците да не брзаат и нека ја складираат пченицата. Добро е што успеавме, министерот Трипуновски прифати сѐ што лани беше складирано да се исплати и дополнително и оваа година да се плати складирањето – вели Серафимов.
Според него, жетвата почна со многу добар квалитет на пченицата, но последните денови заради горештините намален е квалитетот на ожнеаното жито.
-Првично беше добар квалитетот на пченицата, но имаше топол ветер, сега квалитетот не е ист. Пченицата се исплаќа според квалитетот – вели Серафимов.
Што се однесува до поплаките на земјоделците за непочитување на договорите од страна на откупувачите, Серафимов вели дека инспекциите се постојано на терен. Оние производители кои имаат ваков проблем ги упатува да се јават во Асоцијацијата на земјоделци за да се реагира.
Телефон за контакт: 070 509 162
