Во првичните проекции за 2021 година, Меѓународната организација за вино и лозарство (OIV), предвидува светско производство на вино од 250,3 милиони хектолитри, што е една од најниските граници во историјата. И додека таа паѓа, побарувачката расте.
Светското производство на вино оваа година би можело да падне на едно од најниските нивоа во историјата поради лошите временски услови во Европа. Но, се очекува побарувачката да закрепне на речиси исто ниво како и пред пандемијата на коронавирусот, соопшти Меѓународната организација за вино и лозарство (OIV).
Во првичните проекции за 2021 година, предвидоа глобално производство меѓу 247,1 и 253,5 милиони хектолитри, со просечна проценка од 250,3 милиони хектолитри.
Ова ќе ја одбележи третата година по ред на потпросечно производство и ќе се приближи до нивото од 2017 година, кога беа произведени 248 милиони хектолитри, што е најниска количина во последните 60 години.
Италија, Франција и Шпанија, кои го снабдуваат светот со околу 45% вино, се очекува да произведат 114,7 милиони хектолитри од овој пијалак во 2021 година, што е за 22 милиони хектолитри помалку од минатата година. Тој пад ќе биде 27 отсто во Франција, 14 отсто во Шпанија и девет отсто во Италија.
Главната причина за намалената понуда на европско вино е лошото време кое преовладуваше на целиот континент, но најмногу ја погоди Франција, објаснуваат од OIV. Оваа земја доживеа силни мразеви во април, проследени со обилни дождови, грмотевици и град, а лозата ја нападна и мувла.
Производството во Европската Унија се предвидува да падне на 145 милиони хектолитри, што е за 13 отсто помалку од минатата година.
На јужната хемисфера се зголемува производството
Оваа година производството значително порасна во земјите од јужната хемисфера. OIV проценува дека ќе биде најголемо во историјата и ќе изнесува 59 милиони хектолитри, што е зголемување за 19% во однос на минатата година. Чиле и Австралија во 2021 година ќе произведат 30 отсто повеќе вино отколку пред една година, а Аргентина 16 отсто.
Зголемено е и производството на вино во САД, за што годинава се очекуваат 24,1 милион хектолитри, што е зголемување за шест отсто. Сепак, OIV не објави прогноза за Кина годинава поради немањето податоци за бербата на грозје, но истакнуваат дека очекуваат да продолжи падот од 2016 година.
Глобалните трендови на трошење се охрабрувачки, а податоците од првата половина укажуваат на закрепнување и покрај постојаните нарушувања на туризмот и угостителството поврзани со пандемијата ковид-19.
„Сè уште очекуваме зголемување на глобалната потрошувачка во споредба со 2020 година“, рече Пау Рока, извршен директор на OIV, истакнувајќи дека податоците за трговијата во првата половина од годината покажуваат обем над нивоата пред пандемијата. Тој додаде дека транзицијата кон онлајн-продажба ѝ помогнала на винската индустрија за време на кризата.
Сепак, очекуваниот пад на кинеската побарувачка може да го ограничи годишниот пораст на потрошувачката на околу два отсто во споредба со падот од три отсто во 2020 година.
