Сателитските податоци покажуваат дека во текот на изминатите 20 години, бојата на океанот се променила од сина во зелена во 56 отсто од светските океани. Промените се особено видливи во тропските области, во близина на екваторот.
Научниците велат дека ова суптилно позеленување на нашите океани укажува на ефектот на климатските промени врз подводниот живот.
Сателитот Модис-Аква на НАСА ја сними постепената промена од сина во претежно зелена нијанса во повеќе од половина од светските океани, а областа што ја промени бојата е поголема од целата копнена маса на Земјата.
Научниците од Националниот океанографски центар во Саутемптон, Велика Британија, ги анализирале податоците на НАСА и веруваат дека зелената боја е знак за промена на екосистемите поради климатските промени.
Промената на бојата на океаните може да укаже на поголем проблем и би можела да ја одрази промената во состојбата на екосистемот, велат авторите на студијата. Темно сината означува помалку живот, додека зелените нијанси укажуваат на поголема активност на фитопланктоните.
Но, бојата на океанот може да се менува од година во година, а нивоата на хлорофил на површината многу се разликуваат. Затоа, тешко е да се заклучи дали климатските промени влијаат на промената на бојата.
Научниците веруваат дека океаните треба да се набљудуваат и до 40 години пред да се забележат какви било патологии поради климатските промени. Исто така, различни сателити ги мерат промените на бојата на различни начини, што значи дека добиените податоци треба да се комбинираат.
Со цел подлабоко да се истражи промената на бојата на океаните, мисијата на НАСА наречена „Пејс“ треба да биде лансирана во јануари 2024 година. Таа ќе ги следи планктоните, аеросолите, облаците и океанскиот екосистем.
