Лешникот е култура која не е лесна за одгледување, без оглед на тоа што многумина го мислат спротивното. Последниве години најмногу се подигнуваат насади со лешници и ореви, бидејќи кај луѓето преовладува мислењето дека околу нив нема многу работа, што воопшто не е точно.
Точно е дека насадите со лешник бараат помалку заштитни третмани отколку јаболката, крушите, сливите и т. н. но тие исто така треба да се режат, да се искоси тревата околу нив, да се исчистат гранките и слично, што не е лесно, особено после петтата година, кога стеблото на лешникот е доста широко.
Првите години после садењето, се оставаат четири до пет изданоци и тие ќе бидат носители на родноста, а повисоките гранки се режат за да дојде до разгранување, односно, зголемен раст и формирање на грмушка.
Отстранете го вишокот на изданоци од средината на грмушката
Најтешко е зимското режење на стеблата кои се стари пет и повеќе години, бидејќи е потребно да се направат повеќе резови во средината на грмушката, односно, треба да се изрежат изданоците кои пораснале од заспаните папки. Изданоците се режат до основата, а се оставаат еден или два кои ќе бидат замена за оние старите кои раѓале плодови претходните неколку години или кои евентуално, ќе се исушат во наредните вегетации.
Првата работа која треба да ја имате на ум при режењето е дека, внатрешноста на грмушката треба да биде чиста и осветлена, бидејќи, во тој случај, нема да биде изложена на болести и штетници. Во текот на вегетацијата, особено ако е влажна годината, ќе дојде до зголемен раст на нови изданоци и затоа е потребно да се направи летно режење, односно, да се елиминираат повеќето нови изданоци кои ќе се појават. Во случај кога оваа агротехничка мерка се прави во зима, оди побрзо и се сведува на режење на помалку високите изданоци кои пораснале после она што сте го направиле во текот на летото.
Гранки во форма на рибина коска – идеално режење
Ако грмушката е висока, се отстрануваат високите гранки на начин на кој се пренесуваат на едната бочна страна и тоа онаа која се стреми кон другиот ред, но не во внатрешноста на крошната. На овој начин се добива повеќе светлина. Лешникот раѓа на двогодишните и постарите гранки кои се во форма на рибина коска. Значи, ако тие изгледаат како рибина коска, тоа значи дека добро сте ги правеле претходните режења. Оптималната должина е околу 30 см и не е добро да се остават премногу за да не дојде до формирање на поголем број ситни плодови.
Затоа треба да се изретчат гранките и тоа секоја втора или трета. Гранките пократки од 10 см или подолги од 30 см, не се пожелни, бидејќи на нив се формираат ситни плодови.
Одгледување на лешници во вид на стебла
Овој овошен вид може да се одгледува и како стебло со крошна во форма на вазна. Во тој случај, режењето е слично како, кога е во форма на грмушка, во делот што се однесува на осветленоста на внатрешноста, како и оставање на двегодишните и стари родни гранки. Стеблото би требало да биде високо од 60 до 80 см, а после тоа почнуваат родните гранки.
Со одгледување лешник во форма на стебло се добива поголем принос.