Реновирана е комплетно цвеќарата во Земјоделско шумарското училиште во Кавадарци, а парите од продадените цвеќиња што се одгледуваат во рамки на наставата во струките цвеќарство и пејзажна архитектура, ќе се реинвестираат во училиштето, потврди денеска за МИА, директорката Ратка Росомански.
Се работи за средно училиште што постои 67 години, а и самиот објект цвеќара е од пред околу 61 година.

– Со реновирањето создадовме подобри услови за одгледување на цвеќе. Објектот има поголема уреденост. Сега имаме и простор за аранжирање на цвеќе. Инвестиравме околу десет илјади евра. Поголем дел од финансиските средства вложени во проектот се од буџетот на училиштето, а имавме и кофинансирање од Општината, појасни директорката.
Таа додаде дека, како стручно училиште во кое се школуваат ученици од Тиквешијата, но и од целата држава, регистрирани се за продажба на цвеќе, шумски и декоративни садници. Покрај цвеќара, имаат и расадник, стакленик, пластеник и оранжерија.

– Со парите од продадените производи, инвестираме во подобрување на воспитно – образовните услови во нашето училиште „Ѓорче Петров”. Континуираното подобрување на тие услови дава резултат и расте интересот за школување кај нас, подвлече Росомански.
МИА
