Италија се соочува со најголемата суша во последните неколку децении. И како тоа да не беше доволно, земјоделците во последните денови се соочуваат со уште еден голем проблем, а тоа е навлегувањето на морската вода длабоко во копното, наведува Ројтерс.
Нивото на водата во реката По е многу ниско, а наводнувањето на земјоделските култури е невозможно. Поради ниското ниво и малиот проток на свежа речна вода, солената вода од Јадранското Море навлегува во длабочината на копното.
„Ако нема дожд во следните десет до петнаесет дена, посевите ќе бидат уништени. Во моментов ја губиме годинешната жетва. Колку подолго трае ситуацијата, толку е полош проблемот“, вели Џанкарло Мантовани, директор на организацијата Reclaiming the Po, која се бори за заштита на реката.
Последици од временските неприлики
Околу една третина од плодното земјиште отпаѓа на регионот низ кој тече По и кој страда од недостаток на врнежи, бидејќи во текот на зимата немаше доволно снег, а летните суши дојдоа прерано. Земјоделците се преплашени од последиците од катастрофалната суша и загубата на посевите. Ситуацијата е многу критична, бидејќи нивото на водата паднал толку многу што системот за нејзино подигање бил блокиран. Покрај недостигот во реката, езерата на север се исто така под или блиску до рекордно ниско ниво. Се намалува и нивото на природните акумулации во централниот дел на државата.
Ова е најлошата суша во последните 70 години. Морето продира во По во должина од 30,6 километри, што има разурнувачки ефект врз живиот свет и почвата. Создаден е солен клин, бидејќи реката не може да се спротивстави на навлегувањето на морето. Слатката вода останува на површината, додека солената вода се движи по дното на речното корито. Разорното делување веќе се чувствува кога се во прашање земјоделските култури, биодиверзитетот и хидроцентралите.

Присуството на морска вода во реката го спречува наводнувањето на земјоделските култури.
Големи штети во земјоделството
Националната организација на фармери, Колдирети, наведува дека температурите над 40 Целзиусови степени и топлите ветрови го намалуваат приносот на овошје и зеленчук за 15 отсто. Први на удар се црешите, лубениците, дињите, крушите, доматите и праските. Овој сектор обезбедува вработување за 440 илјади работници, што е 40 отсто од вкупниот број на вработени во земјоделството. Дваесет и пет проценти од вкупното производство обезбедува годишен приход од 15 милијарди евра. Годинава штетите ќе бидат високи и ќе изнесуваат неколку милиони евра.
Постои голем страв од појава на бури и торнада кои можат за кратко време да ја уништат целокупната работа. Штетите од град и невреме се искачуваат до три милијарди евра.
Во последните шест месеци опожарени биле над 9.000 хектари, што е шест пати повеќе отколку во 2020 година. Во 2021 година имало 659 големи пожари кои проголтале се пред себе.
Последиците од сушата ги трпат и животните, од пчелите до говедата. За да ги заштитат пчелите и да го спречат нивниот помор, многу пчелари прибегнале кон вештачко наводнување. Поради високите температури пчелите не летаат, а им требаат големи количини вода за да се разладат во кошницата.
На фармите за несилки се вклучени клима уредите. За разладување на кравите се неопходни вентилатори и тушеви за ладење, а едно животно може да испие до 140 литри вода во текот на денот. Производството на млеко во вакви услови е намалено и до 20 отсто.
