Регионалната занаетчиска комора вчера отвори „Етно одаја“ која има за цел да го промовира и презентира занаетчиството од кумановскиот регион. Отворањето на оваа одаја во која се прикажани носиите, предмети за покуќнина, прекривки е дел од проектот „Занаетчиството-непресушен извор на традицијата“.
Креирањето на собата се спроведува со поддршка на Министерството за економија и на општина Куманово. Целта е да се презентираат старите занаети и да се потсетат надлежните дека занаетчиите заслужуваат поддршка.

„Преку оваа етно одаја сакаме да се потсетиме на нашите стари занаети, но и да покажеме со што се соочувале нашите предци низ времето, додека развивале разни занаети и работеле во нивните работилници. Делата на занаетчиите говорат и после многу години, децении и векови, затоа што оставиле трајни белези и обележја, цркви, манастири, џамии кои денес се културни споменици и наша историска вредност и гордост. Впрочем во нашето Куманово се гордееме со Занаетчискиот дом, за кој работеле ангарија односно волонтерски сите тогашни занаетчии“, – изјави Агрон Фазли, претседател на Занаетчиската комора.

Тој додаде дека во изминатата година се соочиле со големи проблеми, но со помошта што им ја обезбедила Владата успејале дел од нив да надминат и се надеваат дека оваа година ќе биде поуспешна.
Организаторите се заблагодарија на поддршката на Општината и се надеваат дека таа ќе продолжи и во наредниот период. Денеска беше потпишан и меморандум за соработка.

Секретарот на Општина Куманово Александар Гелевски, вели дека локалната власт ја поддржува занаетчиската заедница со тоа што секоја година избира сувенир на градот, со кој ја промовира традицијата и културата и обичаите на своите предци.
МИА
