Ширењето на птичјиот грип ги погоди производителите на јајца во Полска, поради големите загуби на кокошки несилки, а болеста им предизвика проблеми и на други големи производители во Европа, поттикнувајќи го растот на цените. Болеста е пронајдена во неколку европски земји и им предизвика тешки загуби на земјоделците кои веќе се погодени од корона кризата. Азија исто така бележи епидемија на исклучително заразниот вирус H5N8, додека сточарскиот сектор се опоравува од епидемијата на африканска свинска чума, пишува Reuters.
Русија минатиот викенд соопшти дека прв пат забележала случај на пренос на птичји грип A (H5N8) кај луѓето. Заразени се седум работници на фарма за живина, што поттикна загриженост дека вирусот може да мутира во болест која се пренесува од човек на човек.
Болеста обично почнува да се шири наесен, а се пренесува со миграција на диви птици од Азија во Европа.
„Бројот на жаришта се зголеми повеќе отколку во најтешките години“, изјави водителката на Светската организација за здравје на животните (OIE) Моник Елоит.
Како што покажуваат податоците на државната ветеринарна инспекција во Полска, која е голем производител на живина во ЕУ, веќе се усмртени околу 5 милиони птици.
Вкупната бројка претставува само мал дел од јатата во ЕУ и сеуште нема знаци за недостиг на пилешко месо. Според статистиките на агенцијата на Обединетите народи за храна и земјоделство FAO, во 27 земји членки на ЕУ во 2019 година се заклани 6,4 милијарди кокошки за потребата на производството на месо.
Загубата на кокошки несилки сепак ја намали понудата на јајца и ги зголеми цените.
Цената на јајцата во големопродажбата во Полска порасна кон крајот на јануари од 18 до 20 %, изјави директорката на Националната комора на производители на живина и сточна храна Катарзина Гавронска.
Податоците што ги објави Европската комисија покажуваат дека цените на јајцата растат и во други земји на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Германија, додека во Шпанија, што е исто така голем производител, цените се сеуште ниски.
„Кога ќе се земе предвид губењето на живина во Полска и во цела Европа, пазарот на јајца неодамна забележа голем скок на цените, кои порано стагнираа“, изјавила Гавронска.
Полска во 2019 година произвела 648.000 тони јајца, што ја прави шести производител на јајца во ЕУ, покажуваат податоците на Евростат.
Портпаролот на германското здружение за одгледување на живина Флоријан Антес, изјавил дека стравуваат од можните ограничувања на извозот, додавајќи дека чувањето кокошки во затворено подолго време за да се избегне заразата, го погодува пазарот со јајца. Германија во 2019 година, пред пандемијата на ковид-19, извезла околу 1,7 милијарди јајца вредни околу 300 милиони евра, главно во Холандија, Белгија, Полска и Австрија, покажуваат податоците на агенцијата за земјоделство BLE.
Во Франција птичјиот грип главно ги погоди фармите на патки на југозападот на земјата.
Ширењето на заразата стагнирало изминатите недели, соопшти француското министерство за земјоделство, наведувајќи дека поради болеста се усмртени три милиони птици, што претставува околу 3,5 посто од вкупниот број патки предвидени за колење.
И другите земји, вклучувајќи ги Шведска и Германија, морале да уништат големи јата за да го спречат ширењето на вирусот. Епидемијата на птичји грип, како и останатите животински болести, често предизвикува ограничување на пазарот, напоменува Reuters.
Извор: agrobiz.hr
