Најновата вест за појава на птичји грип доаѓа од Чешка. Тамошната државна ветеринарна управа извести за појава на помалку патоген тип на H5N1 на фарма за кокошки во Рохозна. Таму ќе бидат еутаназирани речиси 5.000 животни.
Во Холандија, од 26 октомври, целата живина на фармите мора да биде затворена. Според локалното Министерство за земјоделство, оваа мерка е воведена поради вирусот на птичјиот грип на фармата за органски несилки во Живолде, во близина на Амстердам.
Јато од 36.000 кокошки беше еутанизирано на таа фарма по налог на Управата за безбедност на храната (NVWA). Исто така, сите живинари се должни да спречат нивните животни да дојдат во контакт со диви птици. Во радиус од 10 километри од заразената фарма има уште девет фарми, а од таа зона им е забрането транспортирање на јајца, живина и отпадоци, вели agrarheute.
Додека во оваа земја е критична ситуацијата со животните, во Кина се загрижени поради поголемиот број заразени луѓе со овој вирус. Експертите веруваат дека вирусот мутирал и станал позаразен за луѓето, пишува Ројтерс.
Оваа земја до Светската здравствена организација (СЗО), пријавила 21 човечка инфекција со сојот на птичји грип H5N6, што е зголемување во споредба со само пет случаи во 2020 година.
Иако бројките се многу пониски од стотиците заразени со типот H7N9 во 2017 година, инфекциите покажаа сериозни последици, предизвикувајќи многу хронични болести, но и најмалку шест смртни случаи.
Не се пренесува од човек на човек
Германија, исто така, извести за појава на сојот на болеста Х5Н1 на фарма за гуски во Брунсбител на северот од земјата, објави во средата Светската организација за здравје на животните (ОИЕ). Епидемијата започнала на 22 октомври, а на фармата имало 663 животни.
„Зголемувањето на заразата кај луѓето оваа година е загрижувачко. Станува збор за вирус кој предизвикува висока смртност“, вели Тис Куикен, професор по патологија на Универзитетот во Ротердам.
Повеќето од заразените биле во контакт со живина, а нема потврдени случаи на пренесување на грип од човек на човек, се вели во соопштението на СЗО. Во него се наведува дека итно е потребна дополнителна истрага за да се разбере ризикот и да се објасни појавата на поголем број заразени лица.
Иако случаи на H5N6 се пријавени кај луѓе, ниту еден вид на вирус не е забележан кај живината во Кина од февруари 2020 година.
Вирусите на птичјиот грип постојано циркулираат меѓу домашните и дивите птици, но ретко ги инфицираат луѓето. Сепак, нивната еволуција, која се зголемува како што расте популацијата на живината, предизвикува голема загриженост бидејќи тие би можеле да се променат во вид кој лесно се шири меѓу луѓето и да предизвика пандемија.
Најголем број заразени со Х5Н6 е забележан во југозападната провинција Сечуан, иако случаи се пријавени и во соседните Чонгкинг и Гуангкси, како и во провинциите Гуангдонг, Анхуи и Хунан.
Има најмалку 10 примероци од вирусот кои генетски се многу слични на вирусот H5N8, кој минатата година ги опустоши фармите низ Европа и предизвика смрт на диви птици во Кина. Ова откритие сугерира дека новите инфекции всушност би можеле да бидат нови варијанти, а се верува дека за тоа е виновно сѐ поинтензивното одгледување, пишува The Guardian.
„Можеби оваа варијанта е малку позаразна или е можно повеќе живина да е заразена“, истакна Куикен.
Грипот е полош од ковид?
Четири заразени лица во Сечуан одгледувале живина дома и биле во контакт со мртви животни, се вели во септемврискиот извештај на кинеската CDC. Едно лице купило патка на мал сточен пазар една недела пред да добие симптоми.
„Кина ја вакцинира живината против птичји грип, но вакцината што се користеше минатата година може само делумно да заштити од вирусот што се појавува. Таа ги спречува големите епидемии, но дозволува вирусот да продолжи да циркулира“, рече Филип Клејс, лабораториски координатор во Ургентниот центар за Прекугранични болести на животните.
Во градот Гуилин во регионот Гуангкси, каде што во август беа регистрирани две заразени лица, минатиот месец на 13 градски пазари ја прекинаа трговијата со живина на една година.
„Ова е невидена експлозија на појава на нови вируси на птичји грип, кои имаат потенцијал да бидат полоши од ковид“, рече Мајкл Грегер, автор на книга за птичјиот грип. На крајот, тој предупредува дека секогаш кога луѓето ќе се заразат, постои опасност вирусите да станат поопасни или попреносливи.
Извор: agroklub.rs
