Вирусот на птичји грип се шири во големи размери. Секојдневно се откриваат нови инфекции, затворени се многу фарми и еутанизирана живина.
Најновите вести доаѓаат од Шпанија, каде што беа убиени повеќе од 130.000 кокошки на фарма за интензивно одгледување во северниот регион Кастиља и Леон. Живината била натоварена со багер во камион со отворен покрив и однесена на место за спалување надвор од фармата, објави во петокот шпански Гринпис, пренесува Агроклуб.
Ситуацијата во Европа
Во првата половина на февруари 2022 година, вирусот беше пријавен во 11 европски земји според податоците на Светската организација за здравје на животните (ОИЕ), а моменталниот број на зафатени земји оваа сезона е 30.
Вирусот е откриен во Холандија на фарма за несилки каде што се усмртени 6.000 кокошки. Досега загубите во оваа земја изнесуваат над 1,2 милиони единки. Австрија не пријавила епидемија на Х5Н1 кај домашните животни, но таму се пронајдени три случаи на мртви диви лебеди. Минатата недела, Белгија забележа случаи на птичји грип кај диви птици – гуски и евроазиски гулаби.
Бугарската комерцијална фарма морала да изврши еутаназија на 4.000 единки, а досега нема случаи на диви птици. Случај на овој вирус кај лебедите е забележан во Хелсинки, главниот град на Финска. Како мерка на претпазливост, сите фарми во близина се затворени додека не се завршат лабораториските испитувања.
Унгарија не пријави ниту еден случај на домашна живина, но забележани се пет случаи кај диви птици: лебед, евроазиска страчка, касписки галеби и гуски. И Романија исто така известува за појава на птичји грип кај диви птици.
Во Хрватска, во средината на јануари беше пријавен случај на имот во Осијечко-барањската жупанија, на истокот на земјата.
Најголем број заразени единки забележа Германија. Според проценката на ризикот на Баварската државна канцеларија за здравје и безбедност на храна (LGL) и Институтот Фридрих Лофлер (FLI), птичјиот грип се појавил низ целата земја. Наодите на бројни диви птици зафатени од оваа инфекција покажуваат дека состојбата е алармантна. Покрај фармите и дивиот свет, инфекцијата е забележана и во зоолошките градини и засолништата за птици.
Паника и во САД
Американските производители на живина, исто така, ги заоструваат безбедносните мерки за нивните јата, бидејќи експертите предупредуваат дека дивите птици веројатно ќе шират многу смртоносна форма на болеста низ целата земја, пренесува Ројтерс.
Сојузната држава Индијана извести за појава на високопатоген птичји грип на комерцијална фарма за мисирки, што ги натера Кина, Јужна Кореја и Мексико да забранат увоз на живина од таа држава.
Разорната епидемија на болеста во средниот запад на САД во 2015 година уби речиси 50 милиони единки, главно мисирки и кокошки-несилки. Според американската влада, Соединетите Држави се најголемиот светски производител и втор најголем извозник на месо од живина.
