Во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, на 25 април во 17:00 часот ќе се одржи првиот официјален промотивен настан на Здружението на земјоделски инженери Агроном 1947.
Здружението на земјоделски инженери Агроном 1947 е здружение на граѓани формирано со слободно здружување на земјоделските инженери во Република Северна Македонија, заради остварување на професионалните интереси во насока на препознавање и промоција на професијата, достигнувањата во секторот и влијанието во процесите на креирање, следење и имплементирање на иновативни политики во земјоделството и руралниот развој.
На настанот ќе бидат презентирани целите и програмата за работа на здружението, а ќе вклучува и неформален дел, каде што колегите земјоделски инженери ќе можат да разговараат помеѓу себе, да споделуваат искуства и предлози за промоција и професионализација на професијата.
За време на неформалниот дел од настанот, заинтересираните земјоделски инженери ќе може и официјално да станат членови на здружението и доколку пројават интерес, да се вклучат во работата на здружението.
